Декларацијата на ВМРО-ДПМНЕ за Делчев – непотребна за СДСМ, бараат да се повлече

Ќе стане ли македонскиот великан Гоце Делчев заеднички историски лик со Бугарија, ама сепак бугарин? Додека официјална Софија веќе отворено навестува што значат добрите односи со македонските колеги во делот со историските прашања и на сајтот на премиерот Кирил Петков, Делчев го претставува како бугарски револуционер, македонските власти молчат на ваквите провокации. Во исто време шефот на дипломатијата Османи ги исклучи јавноста и општеството од искажување на мислење за Гоце Делчев.

Ниту ставот на пратениците на власта не е поразличен – за нив заштитата на ликот и делото на македонскиот великан Гоце Делчев било политичка игра на ВМРО ДПМНЕ и дневно политички товар. Наместо да се обединат околку она што значи национален интерес и заштита на македонските историски личности кои ги ставиле темелите на македонската независна држава, од СДСМ бараат опозицијата да ја повлече Декларацијата која веќе е во собраниските архиви.

– Бранат нешто што не е нападнато и со тоа си ги покажуваат несигурноста и аматеризмот. Нема да дозволиме таквите несигурност и дилетантизам да бидат пренесени на граѓаните, вели координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески, кој бара ВМРО-ДПМНЕ да ја повлече декларацијата за заштита на ликот и делото на Гоце Делчев.

Опозицијата пак бара сите политички партии да се обединат околу Декларацијата со која се бара заштита на ликот и делото на македонскиот револуционер Гоце Делчев. Пратеничката на ВМРО ДПМНЕ Иванка Василевска реагира дека Декларацијата треба да го отслика единството и обединувањето на политичките партии во македонското Собрание, но исто така и единството на целокупното македонско општество околу неспорниот македонски деец и водач во ослободувањето на Македонија.

-Сакаме да потенцираме дека иако на денот на 150-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев ние ја најавивме оваа Декларација и таа веќе е поднесена до Собранието, досега три дена молк од СДСМ, како и од останатите политички партии во Македонија. Ја користам оваа прилика да ги повикам СДСМ, како и останатите политички партии во македонското Собрание да се изјаснат со официјален став по повод на оваа значајна Декларација и да покажат дека ликот и делото на Гоце Делчев како учител, народен трибун и револуционер за соработка, за толеранција и за соживот и тоа како заслужува да се донесе ваква декларација токму во законодавниот дом со што сите заедно ќе ја покажеме нашата заедничка почит кон оваа централна личност од македонската историја, рече на прес-конференција во Собранието пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Иванка Василевска.

ЛДП на Горан Милевски немаат сопствен став – ќе чекале како ќе постапуваат коалиционите партнери, така ќе го формирале и нивното мислење.

Ниту за шефот на државата Сетво Пендаровски обединување околу ликот и делото на Гоце Делчев не е потребно.

Ивана Соколовиќ Најдова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста