Декларација за правда и слобода за осудените за 27 април

Борбата за правда и слобода на неправедно осудените ќе продолжи до исправање на нанесените неправди – Унијата  на ветерани на ВМРО-ДПМНЕ и патриотскиот институт на ВМРО-ДПМНЕ „Гоце Делчев“  донесоа „Декларација за правда и слобода за политичките осуденици во Македонија“ . Документот има за  цел   поништување на првостепените и второстепените пресуди, со кој учесниците во настаните од 27 април се осудени за тероризам.

Физичкото насилство го осудуваме но, не како тероризам, вели Александар Пандов, од Патриотскиот институт на ВМРО-ДПМНЕ. Тој го потенцираше ставот на бројни правници кои настанот го квалификуваат како политички процес.

Настаните на 27 април пред и по отворањето на вратите на Собранието го променија текот по кој се движи македонската држава. Општеството има потреба од објективно согледувањe на настаните. Македонија мора реално да расчисти со случувањата на 27 април 2017 за никогаш да не и се повторат. Истото е можно преку спроведување на вистинска правда, а не на политички нарачки кај обвинителите и судиите кои и слугувааат на власта, а не на граѓаните и интересите на државата, вели Пандов.

Декларацијата ќе биде доставена до Претседателот на Република Македонија, до Претседателот на  Владата, Претседателот на Собранието и претставници на меѓународна заедница со цел повторно отворање на случајот  и преквалификација на делото.

Инаку, двомесечните мирни протести по објавувањето на Тиранската платформа кулминираа на 27 април кога членови на движењето За заедничка Македониај влегоа во Собранието.  16 луѓе беа осудени за терористичко загрозување на уставниот поредок.

Кристина Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста