Декларација од идните историчари: Политиката подалеку од историјата

ДЕКЛАРАЦИЈА на студентите од Институтот за историја при Филозофскиот факултет во Скопје во врска со актуелните
македонскобугарски односи.

  1. Ние, студентите на Институтот за Историја, сметаме дека
    научните спорови треба да ги решаваат компетентни научни работници од соодветните области. Според нас, улогата на политиката во овој процес е да обезбеди услови за непречено одвивање на научната дискусија. Затоа, се оградуваме од сите своеволни и ненаучни толкувања на разни политички претставници, кои се произнесоа по овие прашања изминатиов период.
  2. Подобрувањето на односите меѓу Република Бугарија и Република Македонија е нешто што го очекуваме и посакуваме. Како идни историчари, свесни сме за опасностите од креирање на нови „железни завеси“; нашите земји треба да се стремат кон општи
    вредности и да се развиваат на општествено економски план, без да бидат прогонувани од чинители со националистички, шовинистички и ксенофобни ставови. Ги осудуваме сите вакви пројави што се појавија, и ќе се појават во иднина, од двете страни.
  3. Ние ја поддржуваме полната културна, научна и економска соработка со Република Бугарија, како и со сите други земји. Но, исто така сметаме и дека односите меѓу две соседни држави треба да се темелат врз меѓународното право и широко прифатените хуманистички и цивилизациски принципи. Затоа, ги поддржуваме сите чинители кои се залагаат за соработка со соседна Бугарија врз основа на целосно меѓусебно признавање и почитување на различностите. Секоја изјава од високи политички позиции која содржи негаторски став кон Република Македонија, македонскиот народ и сите граѓани на македонска држава, ја доживуваме како навраќање кон некои минати идеологии, преку кои се вршеа обиди за негирање и асимилација на македонскиот народ и на сите граѓани на денешна Република Македонија.
  4. Сметаме дека евроинтегративните процеси не смеат да се базираат и опструираат поради замислени идентитетски спорови. Доколку условот за почеток за преговори со ЕУ е промена на македонскиот идентитет, историја и на македонскиот јазик – ние остро се спротиставуваме и сметаме дека таквите преговори се беспредметни и треба да се напуштат.
    Се надеваме на подршка и соработка од официјалните институции и Владата во одбарана и зачувување на македонскиот јазик, македонската историја и култура и идентитетот на Република Македонија.
    Студентите од Институтот за историја на Филозофскиот факултет во Скопје

Поврзани вести