„Дефинансирајте ја полицијата“ – главен повик од демонстрациите во САД

„Дефинансирајте ја полицијата“ – ова е главниот повик кој произлезе од протестите што се проширија низ Соединетите Држави по смртта на Афроамериканецот Џорџ Флојд. Демонстрантите бараат расформирање на актуелниот полициски систем во земјата.

Полицијата добива милијарди и милијарди долари за да ги брутализира малцинските заедници, особено црните заедници што е сосема неправедно. Тоа е опресија. Тоа е расизам од највисок вид.

Но, и меѓу оние кои протестираат има такви кои сметаат дека „дефинансирањето“ не е решение.

Ако можеме да ги одвоиме лошите и да ги задржиме добрите и да донесеме нови, го претпочитам тоа. Би сакала да можам да им се јавам кога ќе ми требаат вели Беверли Хил, демонстрантка.

Но, што всушност е „дефинансирање“? По дефиниција зборот значи „повлекување на финансирањето“. Сепак, дел од поддржувачите на ова движење велат дека не се работи за целосно укинување на полицијата туку за пренамена на ресурсите кон други граѓански сервиси.

Тоа значи да се осигуриме дека ресурсите кои ги трошиме на полицијата можат да бидат подобро потрошени на јавно здравје, на социјални работници и на други услуги кои им се очајно потребни на нашите заедници.

Експертите кои го поддржуваат движењето тврдат дека е дојдено време за сериозно решавање на, како што велат, длабоките и системски проблеми во начинот на кој функционира полицијата во земјата.

Тоа е повик за почеток на менување на јавната безбедност на длабински начин. Тоа бара да се постави нешто друго на нејзино место за да бидеме безбедни. Употребата на полицијата да одговори на сите наши проблеми стана многу нормално, до таа мерка што не можеме да замислиме како поинаку би се справиле со ситуацијата рече Кристи Лопез, професорка по право на Универзитетот Џорџтаун.

Оние кои се противат сметаат дека намалувањето на средствата наменети за полицијата би било сериозна грешка и би го поттикнало криминалот.

Полицајците се наши чувари. Има банди, дилери и насилни луѓе. Ако нема полицајци кои ќе одговорат кога ќе им се заканат на луѓето кои го почитуваат законот мислам дека ќе бидеме во голема неволја. Оние кои повикуваат на кратење на парите за полицијата или на нејзино распуштање мислам дека многу ќе зажалат за тоа, вели Џон Малком, потпретседател на Фондацијата Херитиџ.

И претседателот Доналд Трамп и неговиот најверојатен противкандидат Џо Бајден велат дека не прифаќаат „дефинансирање“. Трамп изјави дека полицијата „прави неверојатно добра работа за државата“ но и дека „би можела да функционира на помалку груб начин“. Бајден изјави дека се залага за „федерална поддршка за полицијата која ќе биде условена од исполнување на одредени стандарди“.

Во меѓувреме, во Конгресот, Демократите подготвија предлог-закон кој предвидува укинување на „квалификуваниот имунитет“ на полицајците, забрана за притискање на вратот при приведување и поголема контрола. Републиканците најавија сопствен пакет мерки. Соопштија дека имале продуктивна дискусија и дека тие ќе објават нацрт „во блиска иднина“.

Со тоа што двете партии контролираат по една од комисиите малку е веројатно дека ќе се согласат за сите свои предлози, но речиси е извесно дека американската полиција ќе претрпи некакви реформи.

Во САД државните и локалните полиции годишно трошат по над 110 милијарди долари. Сојузната држава Њујорк вчера усвои пакет закони кои драстично треба да го променат начинот на кој функционира тамошната полиција, а градовите Минеаполис и Лос Анџелес веќе најавија можна пренамена на дел од средствата планирани за нивните полициски служби.

 За Алфа од Гласот на Америка, Никола Крстиќ во Вашингтон.

Поврзани вести