Децата со попреченост жртви на промашената стратегија во борбата со корона вирусот

Самохран родител бил принуден своето малолетно дете со попреченост да го остави кај роднини и пријатели, тие да се грижат за него, додека тој се лекува од корона-вирусот. Оваа приказна е само една од низата кои ја покажуваат маката со која се соочуваат овие семејствата сред пандемија. Дополнително, ситуацијата се усложнува со тоа што дел од децата не се во состојба сами да споделат дали и тие развиле одредени симптоми. Токму поради ова здружението Сплотени срца бара оваа категорија на граѓани и лицата што се грижат за нив, приоритетно да бидат ставени на  листата за вакцинирање.

  „Што ако родителот се разболи или треба да оди во болница? Кој ќе се грижи за децата? Има многу непознаници и многу е страшно за овие фамилии. И самата терапија што е превентивна е многу скапа, а знаеме дека овие фамилии одвај крпат крај со крај „-изјави Зоран Мијалков ЗГ„Сплотени срца„-Штип.

Црната статистика веќе нотираше смртен случај на лице со Даунов синдром. За да ги заштитат своите семејства, голем дел од родителите се вакцинираа во соседна Србија. Државата воопшто не води сметка за лицата со попреченост, категоричен е Мијалков, посочувајќи дека во изминатиот период не биле опфатени во ниту еден сет мерки. Како здружение ќе бараат да се направи корекција во категоријата „самохрани родител“ за да се опфатат и брачните парови што се разведени.

„Беа опфатени само самохраните родители. Има на пример родители што се разведени и не се самохрани. Проблемот е во тоа што самохрран родител го сметаат само оној  каде што едниот родител е непознат или починат. Меѓутоа има родител кој чува 2,3,4 деца, а е разведен. Така што не ми е јасно зошто во оваа категорија не се сместени и овие родители„- изјави Зоран Мијалков ЗГ„Сплотени срца„-Штип,

Дека е потребна корекција во Националниот план за вакцинација против КОвид-19, реагираше и народниот правобранител, од каде препорачаа Владата да изврши измена на планот и лицата со попреченост и оние што се грижат за нив да се најдат на приоритетната листа. На оваа листа не се најдоа ниту хронично болните, како и касиерките, поштарите и вработени во други сектори кои се во постојан контакт со луѓе.

Александра Ристевска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста