„Децата си ги будиме од сон во 3 часот наутро и сега некој си поигрува со нашата тутунарска мака“, реагираат прилепските тутунопроизводители

Сон прекинат во најслаткото, деца кои растат по браздите од нивите. Соња Видеска е млада тутнопроизводителка и мајка, која цело лето, секое утро, уште од темни зори, ги дига од постела своите две малолетни деца, од кои едното со тешки попречености во развојот, за да ги однесе на нива, за таму, помеѓу тутнските стракови, во браздите, тие да си го продолжат својот детски сон. Или пак, да им помагаат на своите родители. Болна и тажна е нејзината животна приказна, особено затоа што тутунопроизводството на нејзиното четиричлено семејство им е единствениот извор за егзистенција.
„Андреј, постарото дете, има тежок типичен аутизам, умерена церебрална парализа и други психички проблеми. Лука ми е помалото дете, има 8 годинки. Андреј го оставам дома за да го варди Лука за ние да работиме на сабајле, а на одручек ги носам децата со мене“, – со плачлив глас раскажува Соња Видеска.
На Соња, многу тешко и паѓа кога мора децата да ги носи на нива. Особено, аутистичниот Андреј, кој самиот не може апсолутно ништо да направи.
„Андреј, додека сме на нива, особено во летово, 80 посто се случуваше во 90 дена, ако не повеќе-помалку, 30 дена беше со нас. На сабајле не сеќаваше, таква му е состојбата. Сам дома не може да седи, му е страв, го носам и го легнувам на земја. Постиламе ќебиња, најлон..го покривам..Тој не спие..ама, морам да го носам пред мене. Сам дома нема шанси, не е самостоен, не може сам ништо да направи“, – ја објаснува својата голгота оваа храбра мајка.
Она што најмногу ја загрижува годинава се ниските откупни цени. Стравува како ќе ги покрие трошоците за редовната терапија на 14-годишниот Андреј, кои изнесуваат 300 евра месечно.
„За детето земам 5.000 денари нега, имам лекарства 300 евра кои сите ги набавуваме од странство, од Грција, Италија..со 5.000 денари не можам ни пола лековите да ги земам. Со тутунов, како што оди годинава, многу тешко. Не знам како ќе се излегува на крај. Само сметкине можат да се платат…“, објаснува Соња.
Соња вели дека жално е за сите деца од тутунарските семејства, бидејќи ниедно не е поштедено, како што не е поштеден ниту нејзиниот 8-годишен син Лука кој цело лето берел тутун, една низа-две, колку ќе наберел, толку..
„И бери, цело време бери…му го скратуваме детството“, – си ја отвори душата за Алфа, Соња Видеска.
Инаку, вчерашниот предупредувачки протест на пелагониските производители во Прилеп на кој побараа итна корекција на моменталната откупна кампања, а која ја оценуваат како катастрофална, продолжи и денеска.
Каролина Дурло