Децата од септември во училиште ќе чекаат ред за во тоалет, ќе учат со исклучена вентилација – остри критики за протоклите на МОН

Редарска служба, мерење температура, , маски, проветрување – МОН ги објави протоколите за претстојната учебна година, но дали училиштата имаат услови да ги спроведат ригорозните мерки? Јавноста и експертите критикуваат дека ова се затворски гестапо услови, родителите во дилема – дали на Министерството му се познати условите, посебно во руралните средини каде има полски тоалети а некаде нема ниту вода за децата да одржуваат основна хигиена.

Според протоколите, учениците ќе мора да одржуваат најмалку метар и половина растојание, не се дозволува употреба на уреди за вентилација во училниците, а во тоалет ќе може да влезе само еден ученик, Родителите критикуваат дека ако овој протокол целосно се спроведе, децата ќе треба да чекаат повеќе од 1 час да влезат во тоалет.

Како што е познато, ресорното министерство најави три сценарија – едно од нив е целосна онлајн настава доколку се појави нов бран на вирусот. Родители, апелираат учениците да се вратат во школо, оти има деца кои не смеат да поминуваат долго време пред електронски уреди.

Каде се тука здравствените работници да реагираат зошто да се учи онлајн, кога има деца со оштетен вид, на кои од доктор им е забрането да поинуваат повеќе од еден час на ден пред дигитален уред, како   тие родители ќе го образуваат своето дете, тоа дете мора да учи со физичко присуство. Или што е со оние деца кои имаат деформитети на рбетот, кои не смеат да седат долго време во иста положба – вели Драгана Спасевска од „Учебници и настава мора да има“.

И министерот за здравство Венко Филипче уште еднаш напомена – ако состојбата е стабилна како сега, сите ученици ќе се вратат во училишните клупи.

„Ако состојбата е стабилна како сега, може да почне со физичко присуство. Протоколите се општи, се однесуваат на дистанца, носење маски, проветрување, но се зависи од епидемиолошката состојба каква ќе биде пред почетокот на септември“ – изјави министерот за здравство Венко Филипче.

Синдикатите пак за сега не ги коментираат протоколите,но најавија запирање на наставата доколку се загрозува здравјето на наставниците.

Лекарите кои ги коментираа протоколите пак, предлагаат и тестирање на сите ученици пред почетокот на школската година – оваа операција би чинела околу 2 милиони евра но би добиле јасен показател за состојбата. Но, вакцинација на децата никако не е опција според имунологот Вело Марковски, кога сите анализи покажуваат дека тие многу лесно ја поминуваат инфекцијата.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста