Дебата помеѓу кандидатите за потпреседател на САД
Републиканскиот кандидат Џеј-Ди Венс и демократскиот кандидат Тим Волц во Њујорк ја имаа единствената потпретседателска дебата во оваа изборна сезона.
На 90-минутниот настан организиран од CBS News, кандидатите разговараа за економијата на САД, иранските напади врз Израел и контролата на оружјето, но и на многу други прашања.
Венс се кандидира заедно со поранешниот претседател Доналд Трамп, за кој, пак, Волц вели дека ја променило глобалната дипломатија.
„Имавме коалиција на земји кои ja оградија иранската нуклеарна програма во неможност да ја унапредат. Доналд Трамп ја повлече таа програма без да направи нешто друго на нејзино место. Така, Иран е поблиску до нуклеарно оружје отколку што беше порано поради нестабилното раководство на Доналд Трамп.“
Волц се кандидира со актуелната потпретседателка на САД Камала Харис, која, пак, Венс ја обвини за проблемите во Спрингфилд, Охајо, каде што тој и Трамп постојано изнесуваа лажни тврдења дека мигрантите од Хаити јадат домашни миленици.
„Имате куќи кои се тотално недостапни затоа што донесовме милиони илегални имигранти за да се натпреваруваат со Американците за оскудни домови. Луѓето за кои најмногу сум загрижен во Спрингфилд се американските граѓани на кои им беа уништени животите поради отворената граница на Камала“.
За поделеното прашање за правата на абортусот, Венс рече дека тоа е одлука на државите.
„Правичниот начин да се справиме со ова, колку и да е неуредна демократијата понекогаш, е да им дозволиме на гласачите да ги носат овие одлуки, да ги оставиме државите да направат своја политика за абортус“.
Волц рече дека тоа е одлука за жените и нивните лекари.
„Како можеме како народ да кажеме дека вашиот живот и вашите права, исто толку основни како и правото да го контролирате сопственото тело, се одредуваат географски?
По дебатата, поддржувачите на кандидатите дадоа свој став за вечерта.
„Ова беше огромна, доминантна изведба на Џеј Ди Венс. Мислам дека на американскиот народ, тој директно им се обрати за прашањата кои се важни: имиграциската криза, илегалната имиграциска криза предизвикана од Камала Харис“.
„Тим Волц е тој што е. Го познавам повеќе од една деценија. Работев со него 10 години во Конгресот. Ова е некој што е автентичен, нели? Тој зборуваше од срце за прашањата што му се важни и навистина им ги приближи на американскиот народ“.
Предвременото гласање веќе започна во 23 американски сојузни држави, а на нешто повеќе од еден месец до денот на изборите, анкетите покажуваат дека претседателска трка е тесна.
Јованчо Наумоски, Глас на Америка – Вашингтон