Даунинг стрит: Усогласен е текстот на договорот за Брегзит

epa06566509 Pro EU protesters wave a joined EU and Union flag outside of the British Parliament in Westminster, central London, Britain, 26 February 2018. Media reports state on 26 February 2018 that forecasts for the British economy are gloomy with the uncertainty over Brexit. EPA-EFE/ANDY RAIN

Британската Влада денеска соопшти дека за утре е закажана владина седница на која ќе биде разгледан Предлог-договорот за Брегзит, што „преговарачите на Велика Британија и Европската унија го усогласија денеска во Брисел“.

На седницата, закажана за 14 часот по локално време, ќе биде разгледан текстот на Предлог-договорот и ќе биде донесена одлука за следните фази, се наведува во соопштението, во кое се додава дека „министрите се поканети да дојдат пред седницата за да го прочитаат текстот“.

Претходно, британските и ирските медиуми јавија дека преговарачите на Брисел и Лондон постигнале договор за истапувањето на Велика Британија од ЕУ. Според некои од нив, договорот е постигнат на „техничко ниво“.

Ирската национална телевизија Ар-Ти-И објави дека двете страни постигнале согласност во однос на предлозите за ирската граница, кои се однесуваат на тоа да нема гранични премини.

Телевизијата додава дека текстот бил усогласен доцна синоќа и потоа предаден на официјален Лондон, но посочува и дека „не е коректно да се каже оти преговорите за Брегзит се завршени“.

Според договореното, се предвидува Велика Британија и Европската Унија да се усогласат за привремено и делумно зачувување на царинските правила и за правилата на заедничкиот пазар на ЕУ на целата територија на Обединетото Кралство.

Би-Би-Си јавува дека станува збор за договор на техничко ниво, постигнат по интензивни разговори во текот на изминатата недела.

Телевизијата тврди дека британските министри денеска биле информирани за текот на преговорите, при што на брифингот им било посочено дека остануваат мал број прашања за решавање.