Данела Арсовска за Скопје- ВМРО-ДПМНЕ ќе одлучува дали ќе оди со партиски или независен кандидат

Се уште траат консултациите во ВМРО-ДПМНЕ околу името со кое ќе се трча по градоначалничкото место во главниот град. Од партијата не откриваат дали ќе одат со партиски или пак ќе поддржат независен кандидат за Скопје. Потпретседателот Александар Николоски, вели за тоа ќе се одлучело до крајот на оваа или почетокот на следната недела.

-Партиските органи на ВМРО-ДПМНЕ ќе заседаваат на крајот на оваа и почетокот на следната недела, на кои што ќе ги разгледаме кандидатурите, ние имаме солидни кандидатури и во рамки на партијата, секако има и независни кандидатури, така што треба ВМРО-ДПМНЕ да одлучи на состанок на органите на партијата, дали ќе оди со сопствен кандидат или ќе оди со поддршка за независен кандидат и врз основа на тоа ќе излеземе со став во јавноста, изјави Николоски.

Додека траат консултациите во опозициската партија, својата кандидатура како независен кандидат, ја објави официјално претседателката на Сојузот на стопански комори, Данела Арсовска. Нејзиното име претходно беше споменувано како едно од можните кое ќе ја добие поддршката од ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори, а дали ќе биде така ќе се знае наредниве денови. Арсовска во видео порака порача дека доаѓа ново време за метрополата, повикувајќи ги граѓаните заедно и силно да го направат Скопје еколошки чист и зелен град.

-Се кандидирам за градоначалник на нашето Скопје како независен кандидат, кој знаете дека може подобро. И ве повикувам сите заедно да се посветиме, Скопје да прерасне во современа европска метропола. Барам поддршка од сите вас, чесни личности, на кои им е доста од се досега, да победиме заедно да создадеме современ град, центар на културата на спортот, град на солидарноста, на соживотот, за младите кои градат иднина, за луѓето кои сакаат сигурност и стабилност, порачува Арсовска.

Можно е Арсовска да добие поддршка и од Алијанса и Алтернатива. Од албанската опозиција се уште официјално не се изјасниле. Се најавува и официјализирање на соработката меѓу опозициските партии од македонскиот и албанскиот блок.

Познато е дека ВМРО-ДПМНЕ за Кисела Вода ќе трча со Орце Георгиевски. Николоски вели дека тој е најдобрата опција за оваа општина која минативе години според неговите зборови, била предводена од Филип Темелковски, еден од најнеспособните градоначалници заедно со првиот човек на Скопје, Петре Шилегов.

-Во овие 4 години ни Петре Шилегов ни Филип Темелковски ништо не направија да го спречат загадувањето од Цементара, напротив со закон во Собранието овозможија да се увезува отпад кој ќе се користи во работењето на Цементара и не само што ги загадува околните населби и општината, туку го загадува и цело Скопје. Со прст не мрднаа да го решат овој проблем, веројатно од олигархиски и бизнис интереси кои само на нив им се познати, вели Николоски.

ВМРО-ДПМНЕ досега објави повеќе од 40 кандидати за градоначалници, меѓу поголемите општини познато е дека за Куманово ќе се трка Тони Михајловски, за Центар поддршката ќе ја дадат на Наташа Котлар, во Ѓорче Петров се оди со доктор Александар Стојкоски, за столчето во Бутел ќе се бори пратеникот Дарко Костовски, за Гази Баба Бобан Стефковски. Градоначалничката позиција во Охрид ќе се обиде да ја добие Кирил Пецаков.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста