Дали влезот на Бугарите во македонскиот устав, ќе биде првата од низата отстапки на владата за добивање на датум?

Изборот на старо новите бугарски челници не ги промени нивните забетонирани позиции кон Македонија за интеграцијата во ЕУ. И покрај непопустливоста ниту на претседателот Румен Радев ниту на шефот на бугарската дипломатија Светлан Стоев за деблокада на македонскиот интегративен пат, македонската влада се надева дека решение ќе има и надежите за почнување на преговори во декември ќе се реализираат.

Во пресрет на Самитот кој треба да се случи на средината на месецов премиерот Зоран Заев и бугарскиот претседател Румен Радев телефонски разговарале за можен напредок, но што точно се зборувало засега не се откриваат детали, но се согласиле дека дијалогот на високо ниво е клучен за градење доверба и надминување на спорните прашања во билатералните односи.

А дека Бугарија нема намера да отстапи од зацртаното потврдува и министерот за надворешни Стоев кој по средбата со еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји порача дека Софија очекува јасни гаранции од Скопје за правата на граѓаните со бугарско национално чувство и нивното впишување во македонскиот Устав.

А дали премиерот Заев ќе го промени ставот од јули месец кога јасно даде до знаење дека не било проблем во Уставот да ги додадеме Бугарите како и другите заедници, како што било пракса со голем дел од земјите непосредно пред полноправното членство во Европската унија да ги додадат и другите етнички заедници .

А владата била премногу задоволна од сработеното, па повторно му го продолжи мандатот на Владо Бучковски да ги води преговорите за надминување на пречките со Бугарија. На последната седница владата едногласно ја изгласала одлуката токму тој да остане специјалниот претставник на земјава кој ќе ги пегла деталите околу историските прашања кои се и причина за спуштањето на рампата за интеграциите на Македонија.

Ивана Соколовиќ Најдова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста