Дали власта подготвува терен за прифаќање на бугарските уцени и условувања?
Подготвува ли власта терен за прифаќање на бугарските уцени и условување? Ова прашање се поставува откако премиерот Зоран Заев, порача дека бил уверен, оти Бугарија многу брзо ќе ја тргнела блокада за македонските евроинтеграции. Проблем е што сите знаеме кои се барањата на источниот сосед. Да признаеме дека немало македонски јазик и идентитет пред 1945-тата година, како и дека Гоце Делчев и другите илинденски херои кои го положиле својот живот за Македонија биле Бугари.
-Јас сум уверен дека Република Бугарија е пријател и дека е многу блиску денот кога и македонскиот и бугарскиот народ ќе се уверат дека Бугарија нема да биде пречка за Македонија. Заедно ќе го обезбедиме тоа, бидејќи од двете страни има паметни и способни луѓе, визионери кои ќе си дадат шанса и ќе се разберат во интерес на своите народи, изјави Заев.
Сомнеж дека вакво сценарио е можно фрла и реториката на министерот за надворешни работи, Бујар Османи. Во моменти кога Бугарија го негира идентитетот на македонските револуционери кои ги славиме токму на Илинден, тој вели дека овој празник бил важен и за источниот сосед, покрај за Македонија.
-Илинден е важен ден и за нашите соседи во Република Бугарија. За жал во минатото, а неретко и во сегашноста, тоа најчесто преставувало причина за раздор и несогласување, наместо да биде точка која ќе спојува и обединува. Во денешниот современ контекст, наша обврска е од Илинден да направиме токму тоа – точка која ќе нѐ поврзе, празник кој ќе не обедини, изјави Османи.
Иако со помек тон, во кој ни порача дека сме биле браќа и немало насилно да не блокираат, мандатарот за состав на новата бугарска Влада, Пламен Николов, ни порача дека без прифаќање на нивните барања, немало како да напредуваме кон ЕУ.
-На никаков начин нема да ги притискаме нашите браќа и нема да ги лишуваме од шансата за европска иднина на некаков насилен начин, на начин на кој се однесуваат други балкански држави. Но, тоа не значи дека нема да опстојуваме на своите национални интереси. Како точно ќе биде направено тоа, можеби ќе биде ревизија на самиот договор и преразгледување, изјави Николов.
Инаку, за Софија проблем е и Резолуцијата за македонските црвени линии. Од бугарското МНР, изразуваат жалење што овој документ бил донесен во моменти кога дијалогот меѓу Скопје и Софија почнал да преминува во попозитивна и ветувачка фаза.
Матеја Петровски