Дали Управата за јавни приходи се користи како алатка за да се изврши притисок врз телевизијата „Алфа“?

Среде тешка економска криза, среде војна и среде пандемија, надлежните институции тропаат на вратите на „Алфа“ со барање за наплата на близу 200 илјади евра – за случај кој што реално има речиси никаква врска со Телевизијата, со дата од 2013 година. Се гони управител, кој воопшто не менаџирал со фирмата и нема врска со овој случај. Сакаме да веруваме дека е некоја грешка и дека надлежните не се обидуваат да не ставаат под притисок со нешто што реално нема врска со нас.

Дали Управата за јавни приходи се користи како алтка за да се изврши притисок врз телевизијата „Алфа“? За наводен долг од околу 200 илјади евра во кои се пресметани и камати, а кој датира од 2013-та година дури сега се води судска постапка против „Алфа Скоп“, фирмата мајка на „Алфа ТВ“.

Згора на се минатиот месец актуелниот управител на „Алфа Скоп“ добил решение дека тој лично мора да ги плати парите иако наводниот долг настанал кога тој воопшто не бил на функцијата на која е од 2016-та година. Дополнително судскиот процес се уште трае.

Ова, според адвокатот Панче Тошковски, е невиден преседан и правна небулоза – да се гони управител за наводен долг кој не бил направен додека тој е на функцијата и додека судскиот спор нема разрешница.

  • Многу е едноставен проблемот. За дејствија кои што наводно се тврди дека не се согласно законската регулатива од 2013 и 2014 година, се задолжува управител, кој како физичко лице станува управител во 2016 година. Просто е невозможно е да имаме вакво решение за задолжување, кое што можеме да го оцениме како незаконито и неосновано, вели за Алфа адвокатот Панче Тошковски.

Адвокатите велат дека ако не биде повлечено решението за управителот како физичко лице, ќе биде поднесена тужба против Управата за јавни приходи пред Управниот суд.

  • Би сакале да веруваме дека ова техничка грешка сторена од органот, не би сакале да веруваме дека ова е со умисла сторено, не би сакале да веруваме дека ова би требало да биде некаков притисок, не би сакале да веруваме дека ова би требало да биде некаква насока кон остварување на некакви цели кои што се надвор од разумноста, и би сакале да веруваме дека ова е техничка грешка, и затоа ќе поднесеме тужба до Управата за јавни приходи, додава адвокатот во изјава за Алфа.

Правниците очекуваат надминување на овој, како што, велат наметнат проблем, кој случајно или не се актуелизира токму сега со што и се нанесува штета на телевизијата.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста