Дали Стразбур ќе го „потопи“ СЈО?!

Дали Стразбур ќе ги „потопи“ најголемиот број од предметите кои ги отвори СЈО? Ова прашање се повеќе се поставува, откако Европскиот суд за човекови права, донесе одлука да решава по жалбите на обвинетите во случаите на сега веќе згаснатото Обвинителство на Катица Јанева.

Доколку се следи досегашната пракса во одлучувањето на судот во Стразбур, големи се шансите да бидат прифатени жалбите на функционерите од поранешната власт, меѓу кои Никола Груевски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска и Сашо Мијалков. 

Дека обвиненијата на СЈО, ќе имаат сопка во судот за човекови права уште пред една година предупредуваше и универзитетскиот професор од правниот факултет, Гордан Калајџиев. Тогаш во својата анализата, напиша дека судот веќе има донесено одлука по сличен случај во полза на лицата кои се жалат, посочувајќи го случајот Лекса против Словачка.

-Овој случај е сериозен проблем на кои предметите на СЈО допрва ќе наидат во Стразбур, Критична била околноста дека помилувањето било законито, а повлекувањето воопшто не било предвидено со уставот на Словачка. Судот сугерира дека во таков случај кривичната постапка требала да биде запрена, а предметот да се смета за res judicata, пишуваше Калајџиев.

Дека предметите на СЈО ги очекува неизвесна судбина предупредуваше и универзитетската професорка по уставно право, Тања Каракамишева.

-Еднаш дадена аболиција, или помилување од претседателот на државата не може да биде повлечена, поништена, укината или на кој било друг начин тргната од правниот промет. Тоа многу добро го знаат експертите по Меѓународно кривично право, врховните судии на Грција, но и македонските професори по Казнено право кои во своите учебници ова го имаат многу убаво објаснето, но за жал не сакаат да го кажат во јавност, кажа Каракамишева.

Дека Стразбур отворил постапка за аболициите на Иванов, потврдува и министерот за правда Бојан Маричиќ.

-Она што е точно е дека пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур, одредени лица обвинети или осудени во постапките на поранешното СЈО, почнаа постапка со која ги проблематизираат тековните судски постапки во Северна Македонија од аспект на аболициите на Иванов, изјави Маричиќ.

Дел од предметите за кои ќе одлучува Европскиот суд за човекови права се завршени, дел пак се при крај, а за нив имаше аболиција од страна на екс претседателот Ѓорге Иванов. Тој ја повлече одлуката за аболиција, но голем дел од адвокатите и правните експерти и тогаш, но и сега велат еднаш дадена аболиција не може да биде поништена.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста