Дали со инспектори премиерот се обидува да ја скроти критиката?!

„Коментарите на новинарите на Алфа се опозициони и затоа не гостувам во тој медиум“.-  Ова се зборовите на премиерот Зоран Заев. Дали всушност овде лежи и вистинската причина за инспекциските контроли во медиумот? Во интервју за неделникот Фокус, прашан за финансиските проверки на телевизијата вели  дека контролите на медиумите се составен дел на работењето на инспекциите, но си дозволи да каже дека новинарите во нашиот медиум биле апла како да се излезени од ВМРО-ДПМНЕ.

Ќе се направи записник и ќе се констатира дали има или нема недостатоци. Секој има право на жалба. Факт е дека коментарите на новинарите на Алфа се опозициони и апла како да се излезени од ВМРО-ДПМНЕ. Затоа решив и да не се појавувам како гостин во тој медиум. Но, критичноста треба да живее, колку и тоа да не ми се допаѓа мене. Но, тоа не значи и да не влезе инспекцијата“ , рече Зоран Заев за неделникот Фокус.

Уредничкиот и новинарски тим на Алфа остро се спротиставува на квалификациите дека сме како „апла излезени од вмро дпмне“ бидејќи тоа е  спротивно на сите формални и неформални кодекси за третман на медиумите во светот, и е навреда за новинарската професионалност на луѓето кои работат во Алфа.

Управителот на Алфа, Јани Бојаџи порача дека ние – немаме што да криеме, и притисокот, од институциите на системот, зад кој стојат, центри на моќ – во, и околу власта – ќе го издржиме.

-Финасиската полиција пред два месеци, преку нашето сметководство побараа увид во нашето надворешно трговско работење, што не е спорно. Нашето сметководство им доставило за бараните месеци и за бараниот период договори за работа со конкретни наши соработници од странство. Откако ги добиле договорите не биле задоволни, побарале фактури и сметководството и за тоа им испорача фактури. Јас за ова воопшто не кренав паника затоа што ние немаме што да криеме.Но работите излегоа од контрола, во моментот кога финансиската полиција побара од нашето сметководство на увид да и се достават предметите односно содржините кои ние сме ги произведувале за периодот за кој тие се интересираат за нашето финасиско раборење. Тие побара од нас да и доставиме какви емисиии сме произведувале, какви програми, какви продукции, кои се водители, што се зборува во тие емисии. Ова за мене беше многу шокантно и навистина бев шокиран, рече Бојаџи.

Изјавите на Заев и СДСМ за Алфа, ги толкуваме како штетана слободата на медиумите за која Заев пред да стане премиер гарантираше дека ќе ја овозможи за разлика од режимот , каков што тврдеше дека е претходниот.

Алфа нема да се откаже од професионализмот во известувањето.  Поканата за интервју во Алфа, ако треба и на однапред договорени прашања, за Заев останува и сега како и секогаш и во иднина.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста