Дали рамковно вработените ќе „засукаат ракави“ и вистински ќе работат или пак само ќе седат и чекаат плата?

Дали со вдомувањето во државните институции, рамковните конечно ќе си ја заработат платата или само ќе седат по принципот „клати врата, земај плата“? Од 1.350 вакви кадри, 1.182 прифатиле да бидат распределени по државни фирми. Директорите на некои институции имаат потреба од овие кадри, многумина немаат, но во духот на добрите коалициски односи во Владата ги прифаќаат. Единствено сега веќе поранешниот директор на Пазарната инспекција реши да застане против владината наредба и јавно да каже дека овие луѓе немаат соодветни квалификации и од нив нема потреба. Токму ова е спорно со години – дали рамковните ќе „засукаат ракави“ и вистински ќе работат или пак само ќе седат и ќе чекаат исплата. Но како дојде до тоа, на овие кадри да им се најде место? По децении туркање на проблемот под тепих, оваа влада се заложи да ја смени дотогашната пракса. Три години уверуваше дека проблемот ќе се реши, за поранешниот министер за администрација Дамјан Манчевски на само два дена пред крајот на мандатот да каже дека ниту рамковните ќе можат да одбијат работа, ниту пак институциите да одбијат да ги примат. Уверуваше дека целиот процес ќе заврши до Нова Година.

Во октомври, Вицепремиерот Артан Груби рече дека нема законска можност на рамковните да им се раскинат договорите ако одбијат работа кои седеле дома, не по нивна вина.

Прочистената листа на рамковни конечно беше составена во јануари годинава. Тогаш, вицепремиерот Артан Груби рече дека на неа нема такви кои се водат како вработени, а се наоѓаат во странство. Немаше ниту најави дека кривично ќе се гонат овие лица кои земале плата, а живееле во некоја друга држава. Груби уверуваше дека рамковните имаат 7 дена да се појават на работа.

Поминаа уште 3 месеци, но голем дел од рамковните уште седат дома. По вербалната „војна“ меѓу премиерот Заев и директорот на Пазарниот инспекторат, која резултираше со разрешување на Пауновски, се чека на нов директор кој нема да пркоси премногу и ќе прифати 35 несоодветни кадри. Тој треба да биде именуван оваа недела. Во меѓувреме, експертите и натаму алармираат дека не треба да се дозволи некој да седи дома, но ни да оди на работа, да не работи ништо, а притоа да зема плата. Најмногу рамковни се прераспределија во МВР, УЈП и Државното правобранителство.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста