Дали пресудата за убиството на Џорџ Флојд најавува промени во американската полиција?

Поротата го прогласи Дерек Шовин за виновен за смртта на Џорџ Флојд, казната допрва ќе биде утврдена. Ова е редок пример полицаец да добие пресуда за дело извршено додека бил на должност. Дел од правните експерти сметаат дека овој случај може да сигнализира промена на начинот на кои судовите и обвинителствата ги третираат обвинувањата за злоупотреби во полицијата.
Радост и олеснување на улиците на Минеаполис каде минатата година почина Џорџ Флојд. Поротата одлучи дека тој умрел од прекумерна употреба на сила од страна на поранешниот полицаец Дерек Шовин кому ќе му биде утврдена казна за убиство од втор и трет степен.
Овој настан, кој беше снимен со мобилен телефон, поттикна протести низ целиот свет.
Многумина видеа што се случи и исто така јасно и гласно го слушнаа гласот на засегнатите црни и кафени заедници за природата на полициската работа во САД. Мислам дека сето тоа се спои во пресудата – вели Бери Фридман, Универзитет Њујорк.
Во случај од 2015-та кој има многу паралели со актуелниот, бел полицаец беше снимен како пука во грбот на Афроамериканецот Волтер Скот. Не беше осуден за убиство, поротата не постигна согласност. Подоцна тој доби 20 години затвор откако се изјасни за виновен за прекршување на граѓанските права на Скот.
Една од причините зошто има малку пресуди е тоа што обвинителите често тесно соработуваат со полицијата, сметаат дел од аналитичарите.
Обвинителите може да не сакаат да креираат обвиненија против полициските службеници или да не сакаат да постапуваат толку ревносно во тие судења – вели Мишел Гудвин, Универзитет на Калифорнија.
Друга разлика во случајот на Џорџ Флојд е прекинатиот молк – повеќе полицајци сведочеа против Дерек Шовин.
Мислам дека тоа е многу важно. Ако продолжи да се случува, културата на полицијата ќе се промени – вели Џозефин Рос, Универзитет Ховард.
Социјалните промени се случуваат само откако луѓето ќе почнат гласно да го бараат тоа, сметаат дел од аналитичарите.
Барањата, марширањата, бојкотирањата во Монтгомери и маршовите во Вашингтон, сиот тој отпор против нееднаквоста и барањата за акција – вели Стив Филипс, „Демократија во боја“.
Барањата за промена на начинот на кој постапува американската полиција остануваат, но активистите се задоволни што правосудниот систем во овој случај постапи правично.
Критичарите велат дека полицијата низ целата земја мора да следи јасни и конзистентни правила за употреба на сила. Полицајците, пак, велат дека нивната професија е опасна, дека од нив се бара премногу а имаат ограничени ресурси.
За Алфа, од Гласот на Америка, Никола Крстиќ во Вашингтон.