Дали најавуваниот парк во скопски Карпош може да предизвика еколошка катастрофа?

Рекреативен парк или депонија – што градат Богоев и Шилегов во Карпош? Паркот во скопската населба Карпош 4, кој беше најавен на стартот од годинава, засега е само градилиште. Но, локалните жители се плашат оти тој се гради нееколошки бидејќи велат со месеци таму, откако почнале градежните активности, се копаат длабоки дупки и се полнат со градежни материјали, шут и смет, а дури и метал и железо, што може да биде погубно за почвата.

Ваквите наводи, локалното население ги крепи и со видео снимки.

Фактот дека во непосредна близина на паркот се наоѓа заштитена бунарска зона од која домаќинствата добиваат вода за пиење дополнително го вклучува алармот. За ова граѓаните поднеле пријави и до Општината и до МВР. Надлежните признаваат – на локацијата се реди смет оти такви биле процедурите за да се добие цврста и квалитетна почва.

„Шутот за кој што зборувате е прикаска стара повеќе од седумдесетина години. На истата локација и тоа како се фрлало шут и во минатото и до пред некое време. Сега во моментот, пополнувањето на дупките за да се добие квалитетна земја е завршен процес за целата таа локација“, вели градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.

Богоев, пак вели дека бунарите се во изолиран дел и оти складирањето смет под паркот нема да ја загрози ниту животната средина, ниту пак водата.

„Зоната Д3 тоа е зона спорт и рекреација, тој простор беше измерен претходно и околчен каде се работи.  Зоната Д2, каде се наоѓаат бунарите се од другата страна на патеката и тоа е подрачје заштитено од ЈП Водовод и канализација“, вели градоначалникот на Карпош, Стефан Богоев.

Екипата на Алфа утрово ја посети локацијата – нашата камера забележа товарно возило кое влезе во паркот, го истури сметот и замина. Работниците на терен не кријат оти земјиштето се полни со ѓубре. Велат на локацијата затекнале многу смет, па немале есап да го носат во Дрисла. Велат сметот се реди и се посипува со песок, а тоа според нив било процедура што ќе трае со месеци, па велат паркот најверојатно би бил готов дури на есен.

Од друга страна камиони натоварени со песок постојано заминуваат од градилиштето. Според надлежните песокот што се вади оттаму се носи во сепарација, но месното население се сомнева оти песокот се препродава на друга локација.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста