Дали кинезите и Ковакс – механизмот ќе ги оправдаат најавите на Филипче?

Македонија вакцинацијата ќе ја започне со 200 000 кинески вакцини. Според очекувањата на министерот Филипче имунизацијата би требало да започне до крајот на месецов. Кога точно ќе бидат испорачани овие дози на „Синофарм“ ќе се знаело деновиве.Планот е, да ги добиеме со интервентен увоз а увозник ќе биде Министерството за здравство.

„Не би шпекулирал со точниот датум, меѓутоа за многу кратко време ќе го знаеме и тоа и потоа ќе го објавиме а ќе пристигнат 200 000 вакцини и со тоа ќе започне вакцинацијата“- изјави министерот за здравство, Венко Филипче.

Вакцините преку Ковакс земјава ги очекува во март, и тоа од „ Астра Зенека“. Според најавите, од овој механизам засега можеме да се надеваме на најмногу 175.200 дози, од кои околу 35% треба да пристигнат во првиот, а останатите во вториот квартал од годината.

Но, каде е разликата од ветените 833.000 вакцини преку КОВАКС на кои Македонија се надеваше? а министерот неколку пати ги најави дека се обезбедени.

“Веќе се обезбедени 833.000 вакцини за 400 000 граѓани преку Ковакс механизмот. Тоа е систем на СЗО и на Глобалната алијанса за вакцинација“ –изјави Филипче на почетокот на декември.

Се уште нема ништо и за директниот договор со “Фајзер” за кои што Mакедонија се надеваше на 800.000 вакцини. Од ресорното министертво  се правдаат дека дозите од овој производител засега се ограничени и затоа нема конкретни информации. Здравствените власти, не планираат набавка на руската вакцина Спутник.

Тоа што земјава нема ниту една вакцина досега, е на штета на здравственот систем и на целото население алармираат и лекарите.

„Генарално политиката на глобално вакцинирање и обезбедување на заштита од корона вирусот треба да биде приоритет, а не да биде ориентирани кон едни или други производители без разлика какви се политичките и геостратешките или било кои други причини“ – изјави д-р Злате Мехмедовиќ, специјалист по медицина на трудот.

За првиот квартал од годината, Македонија во најдоброто сценарио, ако ги добие 200.000 кинески вакцини на „Синофарм“, 35 проценти преку  Ковакс, или  61.250 дози, како и оние 8.000 на Фајзер што треба да ни ги даде Србија, вкупната бројка на вакцини со кои би располагала земјава, би била близу 300.000.Со овие вакцини би можеле да се вакцинираат само 150.000 граѓани а планот на здравствените власти беше до крајот на годината да бидат имунизирани милион и двесте. Тука не се пресметани сценаријата со ограничената употреба на вакцините на „Астра Зенека“, која речиси сите земји на ЕУ не ја употребуваат за имунизација на лица над 65 години.

Во меѓувреме, македонците со српско државјанство чекајќи ги домашните вакцини се вакцинираат во Србија.

Ања Василева

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста