Дали ќе се доцни со ковид-вакцинацијата во САД? Бјаден предупредува, Трамп вели-подготвени сме!

Новоизбраниот американски претседател Џо Бајден предупреди дека неговите мерки за борба со корона вирусот ќе доцнат со недели и со месеци доколку актуелниот претседател продолжи да ја блокира транзицијата на власта. Од друга страна Доналд Трамп не се откажува од тужбите и приговорите за процесот на гласање.

Додека бројот на потврдени случаи на Ковид-19 во Соединетите Држави надмина 11 милиони новоизбраниот го нападна актуелниот претседател. Џо Бајден вели дека одбивањето на Доналд Трамп да ја прифати транзицијата на власта ќе го отежне справувањето со пандемијата. „Битката со Ковид-19 е како војна, потребен е врховен командант“ рече Бајден.

Има многу нешта кои не ни се достапни. Доколку не ни бидат достапни наскоро, ќе доцниме со недели или со месеци во правењето иницијатива за најветувачките нешта кои ги имаме, две компании кои утврдија дека имаат 95% ефикасност на вакцините-рече Џо Бајден, новоизбран претседател на САД.

Оваа порака Бајден ја упати од виртуелен настан на кој слушаше сведоштва од здравствените работници кои се во првите борбени редови.

И претходно Бајден предупреди дека многу Американци може да умрат од вирусот ако примопредавањето на власта и натаму се одложува.

Во меѓувреме администрацијата на Трамп ги промовира достигнувањата во развојот на вакцина.

До крајот на декември очекуваме да имаме околу 40 милиони дози од овие две вакцини достапни за дистрибуција, откако ќе добијат одобрување. Доволно вакцини за околу 20 милиони од најранливите Американци-вели Алекс Азар, Државен секретар за здравство.

И покрај охрабрувачките вести за вакцините Бајден би се соочил со сериозна битка по инаугурацијата во јануари.

Мислам дека новата администрација ќе се соочи со многу предизвици да ги натера луѓето да ги почитуваат најдобрите препораки за јавно здравје, додека сите се фокусирани на возбудливите вести за вакцината. Во најдоброто сценарио ќе бидат потребни месеци пред вакцината да биде произведена и дистрибуирана и дадена на доволен дел од населението-вели Кетрин Баикер, Универзитет на Чикаго.

Во меѓувреме штабот на Доналд Трамп продолжува да поднесува тужби и жалби во повеќе сојузни држави.

Претседателот преку Твитер уште еднаш порача – „јас победив на изборите, изборна измама низ целата земја.“ Социјалната мрежа и овој пост го означи со објаснување дека „повеќе извори известуваат поинаку.“

Изборните власти низ целата земја за Гласот на Америка и за други новински агенции велат дека не нашле докази за широкораспространети неправилности, само релативно мали инциденти кои не би биле доволни за да се промени крајниот исход од гласањето.

Броењето и пребројувањето на гласовите е при крај во повеќето оспорени сојузни држави, но големите новински агенции веќе го прогласија Џо Бајден за победник бидејќи пресметаа дека има повеќе од 270 електорски гласови, минималниот потребен праг за вселување во Белата Куќа.

Од Гласот на Америка за Алфа, Никола Крстиќ во Вашингтон.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста