Дали и кој ќе одговара за пожарот во Тетово – реакциите во јавноста не стивнуваат, се бара одговорност

Дали и кој ќе одговора за пожарот во тетовската модуларна болница – останува отворено прашање, за кое целата јавноста очекува одговори. Се бара одговорност за бројните пропусти, одговори на многу прашања, како изгоре објектот за три минути, дали имало исправна инсталација, како била изградена болницата, од какви материјали, дали проектот бил уреден. По објавувањето на вештачењето на МВР, реакциите не стивнуваат.

“Каков краток спој предизвикал пожар на ново направена елекртична инсталација. Па кој ја контролираше таа инсталација, па нели треба да има сигурносна склопка, која во случај на спој се исклучува и го прекинува протокот на електрична енергија. Овие сигурносни спојки се ставаат во гаражи, во подруми, а вие во болница сте ја заборавиле. Жална Македонијо што те снајде!”

“И сега, што понатака, кој ќе ја преземе вината, продолжниот кабел? Одговорност мора да има.”

“Нормално дека власта нема да си ја земе одговорноста, пациентите се криви што лежеа таму.“

Во обвинителство не соопштуваат нови детали, околу натамошниот тек во постапката. Истрагата велат, си течела.

„Истрагата сеуште е во тек. Во континуитет се одвиваат сите други дејствија. Извештајот од вештачењето е само дел од доказите кои ги прибира обвинителството. Целта е да се проверат и анализираат сите аспекти на настанот“, велат од Обвинителството.

Утре се навршува точно еден месец по страотниот пожар, во кој загинаа 14 лица. Веднаш се бараше брза истрага, но и после толку време, единствено што се дозна преку соопштението објавено пред два дена, е дека пожарот во модуларна болница настанал како последица на запален продолжен кабел, на кој бил приклучен дефибрилатор, односно апарат за реанимација, полнач за мобилен телефон и уште еден уред. Многу нејаснотии и дилеми, сеуште чекаат одговори.

Милена Вучевска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста