Дали голем финансиски скандал го тресе МВР?

Дали голем финансиски скандал, преку набавка на патни исправи го тресе Министерството за внатрешни работи? Порталот „Вечер“ објавува дека незаконски од буџетот на граѓаните на Македонија се оттуѓени 20 милиони евра. Околу овој голем скандал се огласи и техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев, вели дека се води интерна постапка, преку која ќе се види дали се вршеле злоупотреби при набавка на патни исправи.

-Во однос на пишувањата на одредени медиуми за незаконист во постапката за набавка на пасоши, тоа што во моментов можам да потврдам е дека во рамки на Министерството за внатрешни работи во тек е интерна постапка која треба да утврди дали постојат одредени елементи кои укажуваат на можни злоупотреби при набавката на патни исправи. За сите недоследности кои би се утврдиле ќе биде покрената соодветна постапка за што јавноста би биле информирана, вели Чулев.

Министерството тогаш предводено од сега техничкиот премиер Оливер Спасовски, прво во мај донеле одлука за јавна набавка за обрасци за лични документи, пасоши и слично.

Еден месец подоцна, во јуни повторно е донесена одлука, без да се наведе дека претходната е поништена. Таму во точка 3.1. решено е дека за таа цел ќе се издвојат 7 милиони евра плус ДДВ за домашни фирми. Сепак било одлучено да се побара понуда од Veridos GMBH од Минхен, објавува порталот „Вечер“. Со германската компанија бил постигнат договор, кој наместо 7 милиони е вреден 19,7 милиони евра или 12,7 милиони повеќе од првично испланираните, со што цената на тендерот пораснала за енормни 170 проценти. На крајот вредноста на обрасците кои се нарачуваат е 8 милиони евра, од вкупно договорените речиси 20 милиони. Прекршување на законот е направено и со авансното плаќање на 4 милиони евра, платени се 50 проценти од набавката наместо дозволените 20 проценти, пишува порталот „Вечер“.

Околу ова реагираше и опозицијата. Од ВМРО-ДПМНЕ бараат Обвинителството да го испита целиот овој случај, да проверат дали има криминал во овој случај.

-СДСМ си склучиле договор со фирмата „Веридос“ за набавка на пасоши и лични документи во периодот од 01.01.2020 до 31.12.2021, во вредност од 20 милиони евра, поточно околу 19 милиони и 600 илјади евра. Каде е тука сомнежот за криминал? Дали конечно јавното обвинителство ќе се разбуди, ќе се охрабри и ќе поведе постапка за овој случај каде што пред очите на целата јавност се случува криминал во милионска сума?, прашува портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.

За реализација на одлуката формирана била комисија од 7 членови и 7 заменик членови. Она што буди уште поголеми сомнежи, како што објавува порталот „Вечер“ е што 9 од 14-те членови и заменици биле сменети. Тие биле сменети откако е истечен рокот за понуда по тендерот и наместо истиот да се поништи, се продолжува  со постапката, пишува „Вечер“.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста