Дали бракот со Алтернатива ќе го разведе Заев од другите коалициони бракови?

Дали бракот со Алтернатива, ќе му донесе на Заев развод од другите коалициони бракови? Не баш сите се најсреќни од новиот договор меѓу премиерот и Африм Гаши. Првиот човек на Демократскиот сојуз Павле Трајанов, за Алфа вели дека дел од програмата на Алтернатива за неговата партија е неприфатлива, а како ќе постапеле во иднина, дали ќе останат или не во Владата, ќе одлучеле после координацијата кај премиерот Зоран Заев.

-Ќе направиме една подетална анализа првенствено околу програмските определби на Алтернатива. Дел од нив се неприфатливи за Демократскиот сојуз, така што ќе направиме анализа добра да видиме што значи тоа и бараме изворно да не информира и Заев и Гаши  околу програмските цели. Поготово преиспитување на некои случаи, Диво Насеље или Монструм, кој еднаш веќе беше преиспитан, вели Трајанов за Алфа.

Очигледно Заев одлуката за приклучување на Алтернатива во Владата ја донел сам, барем ако се слушнат изјавите на помалите коалициони партнери во власта. Покрај Павле Трајанов, дали ќе останат во Владата тек ќе одлучуваат и ЛДП и ДОМ. Горан Милевски изјави дека чекаат Заев да ги извести што се договорил со Гаши, па да кажат како ќе постапат во иднина.

-Ние се уште не ги знаеме барањата на Алтернатива, барем ЛДП не ги знае. Очекуваме премиерот и јавноста и нас како коалициони партнери да не извести, да знаеме во каква нова Влада влегуваме дали тоа за ЛДП е прифатливо или не. Се разбира тоа е заедничка одлука наша и на ДОМ, вели Милевски.

Додека едните партнери не знаат ништо, оние главните ДУИ, знаат се, барем ако се суди по изјавата на министерот за надворешни работи, Бујар Османи.

-Мислам дека премиерот Заев разговорите со политичката партија Алтернатива ги вршеше во име на коалицијата .Така да ние бевме целосно координирани и информирани за разговорите кои што ги водеше премиерот Заев со политичките партии, вели Османи.

Инаку, со новиот коалиционен договор Заев добива нов партнер, но губи некои ресори, а меѓу нив и министерството за здравство, каде од министерската функција заминува најблискиот соработник на премиерот Венко Филипче.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста