Дали Арсовска со својот однос ќе ги извади приватните превозници на блокада на Скопје?
Од понеделник можна е блокада на крстосниците низ Скопје. Откако на вчерашната итна седница во советот на Град Скопје, Арсовска ја поништи одлуката на советниците за покачување на цената по изминат километар за приватните превозници, тие најавија дека од понеделник со сигурност нема да возат, а дали ќе блокираат ќе решат најдоцна до утре.
Арсовска ја поништи одлуката на советот со образложение, дека заклучокот бил усвоен без кворум, а од нејзиниот кабинет одговорија дека стручните служби нема да учествуваат во незаконско постапување. Претседателот на Советот Славески пак ја обвини за опструкции.
На седницата советникот на ВМРО ДПМНЕ, Мартин Стојановски, ја изрази поддршката за иницијативата да се зголеми цената по километар за приватните превозници, а и денес нагласи дека оваа мерка е важна за решавање на проблемите со протестите и блокираните линии. Одлуката на Арсовска ја нарече нелегитимна.
„Ова е преседан, Ова го нема никаде во Европа и во сите демократски држави. Ова е нешто слично на системот на Енвер Роџа во Албанија ова е нешто слично на режимот во Кореја, и на режимот на Чаушески во Романија. Ваков преседан досега немало. Да поништите одлука на совет во која јасно се гледа на снимките дека при самото гласање има присутни 29 советници со се претседателот Трајко Славески на местото каде што седи и да ја поништите е сосема бесмислено. Логично е да си го поставиме прашањето, а и сите граѓани да си го постават“, рече Мартин Стојановски.
Приватните превозници рекоа дека ќе почекаат да видат како ќе се одвиваат работите наредните денови, но доколку не се постигне некаков договор, тие со сигурност од понеделник автобусите ќе ги паркираат во гаражите. Рекоа дека во денеска или во текот на утрешниот ден ќе остварат средба и ќе одлучат што ќе прават во иднина.
„Значи со сигурност се знае дека не можеме да почнеме со работа не можеме да се вратиме на линиите затоа што ја знаете нашата состојба нели финансиски. За блокада на улиците не сме дискутирале за тоа. Ако не се договори ништо во текот на денот, ќе се состанеме заедно па ќе донесме одлука што понатака. Не сакам да коментирам кој е одговорен трпи градот патниците економијата, за жал сите треба да се одговорни за да се среди работава“, рече Хисен Халили.
Инаку, хаосот што целосно го колабираше Јавното Сообраќајно Претпријатие за извесен период го решија државните 250 тони гориво, што се доволни за околу 10 денови. До каде е набавката на нови резерви Од Град Скопје не прецизираат, а одговор нема ниту од ЈСП.. Од владата пак најавија дека повторно ќе излезат во пресрет на граѓаните и доколку има потреба повторно би ги ставиле на услуга државните ресурси.
Љубиша Владимиров