„Дајте ни права, а не цвеќе“ – силна порака од жените по повод „8. март“

Со скандирање „Правда, правда, социјална правда“ и „Не ни треба цвеќе дајте ни права“, неколку стотини жени кои беа поддржани и од повеќе мажи одржаа мирен марш за да испратат порака за еднаква вклученост на жените во општествениот живот.

Протестираме против системската сиромаштија на жените, протестираме за сите работнички во текстилната индустрија кои останаа без работа, за жените Ромки кои трпат секакви неправди, за економски зависните жени, за жените жртви на насилство, за преморените здравствени работнички. Ова се само дел од пораките упатени на шестиот Марш за женски права во Скопје.

Маршот беше организиран од Платформата за родова еднаквост и активистките за женски права, оваа година под слоганот „Сиромаштијата има женско лице“.

Според Бојaна Јовановска од Платформа за родова еднаквост, овој 8 Март го одбележува женската сиромаштија, овозможена и одржувана од системот, а продлабочена како резултат од двегодишната пандемија на Ковид-19 и нејзините последици.  

  • Жените беа и се уште се во првите редови во давање одговор на кризата како здравствени работнички и негувателки во домот, наставнички, хигиеничарки, продавачки. Но, истовремено претставуваат и најголем дел од работниците кои беа и се најмногу изложени на вирусот Ковид -19, но и на негативните социјални и економски последици кои тој ги предизвика. Иако сочинуваат половина од населението, жените во Северна Македонија не учествуваат подеднакво во носењето на одлуки, посочи Јовановска на денешниот марш.

Отсуството на политики, стратешки документи и механизми кои го поддржуваат унапредувањето на родовата еднаквост и правата на жените, според Јовановска, значи дека институциите дозволуваат системска дискриминација и насилство.

Присутните појаснија дека жените во Македонија не учествуваат подеднакво во носењето на одлуките кои се важни за земјата. Побараа политики и мерки за последиците од Ковид-19 за сите жени, како и зголемено учество на жените во работните групи.

  • Денес го креваме гласот на сите жени кои ја вршат неплатената домашна работа, за економските зависните и загрозени жени кои не можат да си обезбедат прехранбени продукти, за жените кои немаат ништо на свое име, за жените кои еднакво учествуваат во плаќање на даноци, но не можат да си дозволат основни средства за одржување на менструална хигиена, додаде Јовановска.

Инаку, само на 19% од високите позиции во општеството се поставени жени, а сите останати се во рацете на мажите, покажуваат податоците од државната статистика. Интересно е што во Македонија поголем е бројот на високообразовани жени отколку мажи, но тие не ги држат раководните конци. Во владата има само 4 жени и 17 мажи, а во целата држава има само две градоначалнички. Двојно повеќе жени од мажи во руралните средини имаат статус на неплатени семејни работници.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста