Дадилката што е снимена како малтретира дете е во станица, засега нема мерка притвор против неа

Дадилката што среде игротека во скопски аеродром брутално претепала дете на околу две годишна возраст е во полициска станица, но засега не е донесена мерка притвор. Од МВР и од Јавното обвинителство за Алфа велат дека се прибира документацијата заедно со фото албуми, а се очекува целата постапка да биде готова во текот на денот, бидејќи, доколку истата не се спроведе, негователката по 24 часа од приведувањето, не може да биде задржана во станица.

-Во моментов се комплетира целата документација, заедно со фото албуми, снимки и останати неопходни работи. Негователката е приведена вчера и е во полициска станица, откако ќе биде обезбедена целосната документација, пријавата ќе биде доставена во Јавното обвинителство, со кое координирано постапуваме. Постапката која ќе следи по поднесување на пријавата, во однос на одредување на мерка притвор, е во надлежност на Јавното обвинителство, велат од МВР.

Од Јавното обвинителство за Алфа поврдија дека очекуваат пријавата да ја добијат во текот на денот.

Министерката Царовска пак, вели дека родителите треба да внимаваат при изборот на дадилки. Да бараат лиценца пред да ги ангажираат.

Дадилката која е снимена како среде игротеката „Дежа ву“ во скопски аеродром малтретира дете на околу две годишна возраст, дошла со три дечиња, веројатно братчиња. На видео снимката, која беше објавена на фан страницата на „Дежа ву“ на „Фејсбук“, се гледа како во еден момент жената со влечење седнува едно од дечињата во скут, брутално му ја затвара устата со рака за да не плаче, и му удира шлаканици, по што грубо го седнува спроти неа. Тука видеото се прекинува, а според ПР менаџерот на кафулето Зоран Василевски кој за инцидентот говореше пред камерата на снимено е и побрутално физичко насилство, па се гледа како дадилката го фрла малото дете од столче на столче, буквално го треска од земја и го дави. Овој дел од снимката не беше јавно објавен, но според Василевски, предаден е на полиција.

Се уште не е познато дали дадилката и претходно кога ги чувала децата дома ги малтретирала.

Сања Трајковска Ставров 

 

 

Advertisements

Поврзани вести