Дадилката „монструм“ треба да оди зад решетки

Дадилката монструм што среде игротека во скопски аеродром е снимена како брутално претепува двегодишно дете, цела година се грижела за него и за неговите две братчиња. Колку време и дали секојдневно го малтретирала него, или кое и дошло при рака од трите речиси идентични братчиња, не се знае, но одговор на ова ќе мора да даде истрагата на Јавното обвинителство, кое бара и триесет дневен притвор за негувателката.

-Основното јавно обвинителство Скопје отвори истражна постапка против едно лице за кривично дело – запуштање и малтретирање на дете. Осомничената на 21 ноември, во игротека во еден угостителски објект, малтретирала двегодишно дете за кое била ангажирана како негувателка. Притоа таа повеќепати го удрила детето кое се здобило со телесни повреди. Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје достави и предлог за определување мерка притвор за осомничената. За ова кривично дело е предвидена казна затвор од една до десет години, велат од ОЈО.

На фотографиите кои осамнаа на социјалните мрежи, се гледаат гребаници и модринки на лицето на малото малтретирано детенце, но тоа сега е дома, но секако е трауматизирано од тортурата на дадилката, која наместо за 500 евра месечно да му понуди грижа и нега низ игра, решила да му даде шлаканици и сурови удари од земја.

Со осуда за суровоста и насилството реагираат и од детската амбасада „Меѓаши“. Оттаму за Алфа велат дека граѓанската свест за пријавување на вакви е мала.

-Првата детска амбасада во светот Меѓаши како организација чија мисија е промовирање и заштита на детските права, најостро го осудува насилството, во каква било форма врз децата. Во нашата земја постојат надлежни институции што треба да се грижат за безбедноста на децата и апелираме до сите навремено и совесно да ја извршуваат својата работа. Конкретно за немилиот настан на физички напад врз двегодишното дете што се случил вчера во Скопје, ја поздравуваме постапката на сопственикот на објектот кој го пријавил настанот и реакцијата на МВР. Досега , во последната година, на СОС телефонот само два случаи на пријава на насилство врз деца се добиени од совесни граѓани. Апелираме и до сите граѓани да постапуваат одговорно и совесно во случаите на каков било облик на насилство врз децата. Само со заедничко дејствување и на граѓаните, и на институциите и на невладниот сектор што работи во полза на заштита на детските права, можеме да направиме промена во најдобар интерес на децата, велат од „Меѓаши“.

Министерката Царовска пак, вели дека родителите треба да внимаваат при изборот на дадилки. Да бараат лиценца пред да ги ангажираат.

Скандалозниот случај со дадилката која тепаше дете ја згрози јавноста. Случајот се обелодени вчера, благодарение на споделен видео запис од игротека во скопски Аеродром, ама и пријава од сопственикот.

На снимката се греда како дадилката со влечење го седнува детето в скут, брутално му ја затвара устата со рака за да не плаче, и му удира шлаканици, по што грубо го седнува спроти неа. Тука видеото се прекинува, иако на целата снимка која е во полиција се гледало како дадилката го фрла малото дете од столче на столче и буквално го треска од земја.

Сања Трајковска Ставров 

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста