Да се молиме за дожд и ветер – Власта не одвојува повеќе средства за битка со загадувањето

Дождот во Скопје и околината изутринава, го намали загадувањето. Скопјани конечно, по месеци, можат да вдишат чист воздух. Во отсуство на конкретни мерки за борбата против аерозагадувањето, на граѓаните им останува да се молат да заврне и да дувне ветер како би се исчистил воздухот. По подолго време, денеска нема магла падната над скопските улици, а после дождот воздухот нема мирис и боја. Нивото на ПМ 10 честички во воздухот, во сите скопски општини е ниско, а на апликацијата Мој воздух покажува Воздухот е чист – земи длабок здив. Единствено делумна загаденост има во Кисела Вода.

Денеска делумна загаденост има во Кавадарци, Гостивар, Битола,Гевгелија, Куманово. Највисока загаденост е регистрирана во Струмица – 98 микрограми пм 10 честички на метар кубен, и во  Охрид со 84 микрограми.

Иако денешните бројки радуваат, до вчера истите беа алармантни. Во неколку населби во Скопје мерните станици покажуваа и до 1000 микрограми.

Еко активистите алармираат  властите да не се однесуваат како да го заборавиле овој проблем кој со години ги гуши граѓаните. Според нив борбата со аерозагадувањето треба да трае во текот на целата година, но нивните предлози нема кој да ги слушне.

Иако е присутно кај нас само преку зима, не може да го решаваме само преку зима. Мора константен притисок да се прави на институциите во текот на целата година, за да не испадне дека заборавиле на загадувањето – вели за Алфа еко-активистот Горјан Јовановски.

Сепак власта и понатаму дава знаци дека е контра екологистите. Еден куп амандмани поднесени од О2 иницијатива, за распределба на буџетот беа одбиени, а за 2021 година одвоени се само 1,3 милиони евра. Активистите предупредуваат – премалку финансии се одвојуваат за борба која одзема над 3000 жртви годишно, бараат од надлежните повеќе слух и акција за луѓето да не дишат веќе отровен воздух.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста