Д-р Здравевски за Алфа: Егзодус на „белите мантили“ може да се спречи, но тоа зависи од националните здравствени политики

Прилепчанецот д-р Вангел Здравески, најмладиот лекар од тимот кој успешно ја направи првата трансплантација на срце во земјава.

„Македонија има врвни лекари кои можат да се носат и со најтешките и најсложените медицински предизвици, факт кој се докажа и со минатонеделниот прв, историски оперативен зафат за трансплантација на срце кај нас, кој пак, претставува круна на медицината во светски рамки. Сум учествувал на вакви трансплантации и во други држави и слободно можам да кажам дека ние, како држава, целосно сме опремени за трансплантација на срце што е особено важно за јавното здравје кај македонските граѓани“, ексллузивно за Алфа, вели најмладиот лекар од мулти-тимот кој ја направи првата трансплантација на срце кај нас, специјализантот по кардио-хирургија, 31-годишниот д-р Вангел Здравески.

Како млад лекар, кој е на петтата година од вкупно шесте специјализантски години, за масовниот одлив на младите медицински кадри од земјава, вели дека неопходно е ревидирање на актуелните здравствени политики во земјава.

„Пред се’ тука зависи едукативниот систем. Таа е една крива на учење која што трае, шест години е Медицинскиот факултет, потоа шест години се специјалистичките студии. За да го задржите медицинскиот кадар, без разлика дали се доктори или медицински сестри, треба нормално да му понудите подобри животни навики, подобар животен стандард, да бидат поплатени нормално, да имаат подобра перспектива за едукација и надоградување.Тој, т.н. егзодус на „белите мантили“ може да се сузбие, но тоа пред се’ зависи од националните здравствени политики.“ – посочува д-р Здравески.

Д-р Здравески, посочува дека влегувањето во операционата сала и неговата активна вклученост во шестчасовната исклучително тешка операција, за него било неповторливо професионално и хумано искуство, но и огромна лична сатисфакција, со оглед на успешниот исход на операцијата.

„Немав некоја трема или некои посебни негативни очекувања. Како оптимист, секогаш пред да влеземе во сала, очекувам дека се’ ќе биде најдобаро за самиот пациент, така да можам да кажам дека се’ помина во најдобар ред. Чувството беше, да..после кога исчекувавме да започне…се појавуваат првите очекувања после трансплантацијата на срцето, тогаш нормално се јавува некое треперење и во нашите срца.“ – ни изјави д-р Здравески.

Инаку, младиот д-р Здравески е прилепски гимназијалец и македонски студент. Вработен е на Универзитетската клиника за кардио-хирургија и по специјализицијата, барем засега, не размислува да ја напушта земјава, освен за понатамошно, лично доедуцирање, на кое интензивно си работи и сега, овде. На своите помлади колеги, сегашни и идни лекари, им го препорачува своето животно мото: „Во животот можат да ви земат се’, само знаењето – не.Успешниот е секаде успешен, ако си ја знае работата“.

Каролина Дурло

https://youtu.be/_WJrXYGPUJo