Д-р Петров за Алфа: Потребно е масовно тестирање, не брзи избори

Додека, амбицијата за брзи корона избори доминира кај власта, докторите алармираат дека здравјето на граѓаните е најважно. Односно, масовно тестирање наместо избори порачува поранешниот градоначалник на СДСМ во Карпош и генерален секретар на партијата Андреј Петров.

“Масовно тестирање се разбира, за изборите ќе се договорат политичарите, но тие не треба да бидат на штета на здравјето на граѓаните, туку треба да се слушаат препораките на епидемиолошките тимови. На прво место треба да биде здравјето на граѓаните, како што граѓаните пред се се загрижени за своето здравје.”- вели Андреј Петров инаку доктор во „Аџибадем Систина“.

Петров  ги искритикува чекорите на Филипче, а да беше на негово место, вели ќе форсирал тестирање и нема да им прави опструкции на приватните болници.

“Под еден требаше да се тестира повеќе, а како второ требаше да се покаже пошироко разбирање на здравствениот систем, тука мислам и на приватните болници, оти ако сакате да одговрите на вирусот брзо – дајте сите да сме заедно! А не да ни се прави опструкции- тоа беше грешка на почетокот.” – вели Петров.

И остатокот од лекарската фела се на иста линија – за масовно да се тестира. А како причина за одложување на изборите се високите бројки на заразени и починати.

“Верувам дека не е најсреќен избор, да имаме избори на почетокот на јуни од причина што бројките се премногу високи и не покажуваат значителна деклинација” – рече д-р Ленче Нелоска, дерматолог.

И додека Филипче уверува дека битката е добиена но не и завршена со коронавирусот  во изминатите четири дена во земјава има околу 100 заразени и 9 починати – што укажува дека ситуацијата е алармантна.

Ања Василева

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста