Д-р Нелоска за Алфа: Масовно тестирање наместо брзи избори

Додека епидемиолошката крива не мрднува на подобро, на власта единствено важни и се – брзи предвремени избори. Денешната корона статистика воопшто не го дозволува тоа – 22 новозаболени и двајца починати од Ковид19.  “Црната” статистика  за изминатите 72 часа исто така е поразителна – осум смртни случаи и близу 80 новозаразени. Лекарите се категорични, сега е моментот за масовно тестирање а не за избори.

“Верувам дека не е најсреќен избор, да имаме избори на почетокот на јуни од причина што бројките се премногу високи и не покажуваат значителна деклинација” – рече д-р Ленче Нелоска, дерматолог.

Нелоска предупредува и за малата излезност, доколку би се одржале избори летово, но и алармира дека протоколот за тоа како би се одвивале изборите не ја гарантира безбедноста на гласачите и на самото гласање воопшто.

“Во вакви случаи каде што постои една вкупно кажано еден страв кај граѓаните од социјални контакти и од комуникација, многу е малку веројатно дека ќе има незначителна излезност.Дека хронично болни и постари не им паѓа напамет да излезат на гласање” – вели Нелоска.

Дека немаме значајна разлика во бројките на заразени и починати од Април и Мај потврдува и анализата на доктор Нелоска.

“Првата недела на Мај со празниците, имаме 173 заболени, втората недела до денеска имаме 157 заболени а тоа се бројките од претпоследната недела од Април 175 сме имале.Бројот на починати првата недела од Мај се 9 а втората се 13” – открива Нелоска.

Доколку “падне” договор за одржување на избори, останува и нејасно како би гласале оние кои ќе бидат во изолација и самоизолација. Во протоколот за изборите оваа група не беше спомената од надлежните, иако неодамна Филипче кажа дека тоа ќе биде во рацете на центрите за јавно здравје и ДИК, но конкретни детали и понатаму нема.

 

Ања Василева 

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста