Д-р Ќурчиќ: Комбинација од серолошки и молекуларни тестови за реална слика со ковид пандемијата

Пикот на короната помина, но остана отворена дилема – што потоа? Прашање кое ги тишти граѓаните, не само во земјава туку низ целиот свет. Како да се добие вистинска слика за тоа колкумина биле во контакт со вирусот, а можеби не знаеле? И како да се направи реален скрининг на населението? Микробиологот д-р Биљана Ќурчиќ, вели оти најдобар начин да се направи детална анализа на состојбата со корона вирусот во земјата е преку комбинација на серолошките и молекуларните тестови. Интересот, кај граѓаните, за комбинираните тестирања, бил зголемен, вели таа.

„Најважно да се направи комбинација од двата теста, прво за да се знае дали сте дошле во контакт со вирусот, второ да се знае во кој момент треба да се земе брис и трето согласно комбинацијата од резултати да се знае дали пациентот е инфективен за околината, колку време треба да седи дома и за колку време смее да се врати во нормалниот живот безбедно и за него и за целата околина. Само на тој начин можеме да се справиме со пандемијата и да ја запреме. Луѓето сами сакаат пред да излезат надвор и пред да се вратат во своите нормални животи, да си го знаат статусот и да си објаснат некои контакти и сами бараат да видат дали дошле во контакт со вирусот или не“, вели доктор Биљана Ќурчиќ, специјалист микробиолог во болницата „Аџибадем Систина“.

Олабавувањето на мерките кое го најавува Владата, враќањето на работниците на своите работни места, но и планиранирањето на годишните одмори, во голема мера ќе зависи од здравствениот статус на граѓаните. Болницата Аџибадем Систина стартуваше со брзи молекуларни тестови, каде преку земање брис, пациентите за триесетина минути добиваат точен резултат за присуство на вирусот во организмот. Токму овие Пи-си-ар тестови се клучни за тешко болните пациенти, чиј живот зависи од брзината на добиениот резултат.

„Веќе од минатата недела во нашата институција почна да се работи брз Пи-си-ар тест којшто е со иста сензитивност и со иста точност како и останатите молекуларни тестови, каде што резултатот се добива за еден час. Тој ќе биде идеален за сите оние кои што треба итно да патуваат и ќе ги направат двата теста, серолошкиот и брзиот, тој е брз само затоа што се даваат одеднаш резултати меѓутоа е на ниво комплетно на она што се работи во светот со молекуларните тестови“, додава доктор Ќурчиќ.

Инаку, ковид пандемијата во земјава фатално заврши за граѓани кои со денови ги чекаа резулатите од тестирањата во државните институции или пак чекаа термин за да бидат тестирани. Токму тестирањата и строгите алгоритми предизвикаа бурни реакции во јавноста и незадоволство од работата на институциите.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста