Црна дупка“ од Горан Стефановски во изведба на струмичкиот театар, најдобра претстава на годинашниот МТФ „Војдан Чернодрински“

Црна дупка“ од Горан Стефановски во изведба на струмичкиот театар, најдобра претстава на годинашниот МТФ „Војдан Чернодрински“

     Единствената награда за уметничко остварување на претстава во целина се доделува на ансамблот на НТ „Антон Панов“ од Струмица за претставата „Црна Дупка“ по текст на Горан Стефановски, а во режија на Љупчо Ѓорѓиевски. Ова е одлуката на тричленото жири, составено од претставнички од театарската фела од Србија, Црна Гора и БиХ, на крајот од годинашното 58-мо издание на МТФ „Војдан Чернодрински“.

   „Она што сметаме дека е значајно за оваа претстава е тоа што таа има хармоничен однос кон сите елементи на претставата. Сценографија која одговара на стилот на претставата, ускладена глума, јасна и ненаметлива режисерска постапка, и она што сметавме дека е посебно значајно е тоа што тие беа толку професионални што воопшто не се обѕрнуваа на техничките проблеми кои ги имаа, туку играа со полно срце и многу одлучно ја изнесоа својата претстава. Исто така, тие играа дело на вашиот значаен автор на кого и му е посветен и овој Фестивал“, – кажа Марина Миливојевиќ-Маѓарев, претседател на жири- комисијата.

  Освен оваа награда, жири-комисијата додели и 15 други награди за поединечни и групни остварувања во вкупно 11-те претстави кои беа во официјалната програма на Фестивалот.

  Уметничката директорка, Ана Стојаноска, задоволна од еднонеделното богато театарско збиднување, како една нова широка лепеза сочинета од сите аспекти на театарската уметност.

   „Гледајќи ја публиката во огромен број, гледајќи колку луѓе бараат карти и чекаат карти, сметам дека сме направиле успешен фестивал. Се разбира дека има простор за грешки, се разбира дека има простор за пофалби, ама јас сум од оние луѓе што веруваат во креативната енергија и сакам да верувам дека следното издание ќе биде уште подобро“, – изјава проф. д-р Ана Стојаноска, уметнички директор на Фестивалот.

  Инаку, годинава Фестивалот се одржуваше под мотото „Промени се, промени се’“ и во осумте фестивалски денови беа прикажани вкупно 17 претстави, а имаше и многу промоции на театарска литрература, разговори на тркалезни маси, уличен театар. За прв пат годинава и публиката имаше право да гласа за претстава која најмногу им се допаднала чиј резултатот ќе биде соопштен на вечерашното затворање, а кое ќе биде заокружено со Концертот на Добрила и Дориан дуо.   

                                                                                                 Каролина Дурло  

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста