„Црн петок“ во Македонија – мега попусти или маркетинг?
Излепени излози со огромни реклами, „Сè е на половина цена“, „Шопинг лудило“, „Плати еден, вториот производ купи го со 70 % попуст“ и Македонија ја тресе светскиот тренд на попусти по повод „Black Friday“, но колку се тие реални? Според граѓаните црниот петок кај нас е само мачкање очи и маркетиншки трик, а попустите не се ни малку слични на оние од Америка. Сепак многумина, понесени од еуфоријата, се одлучуваат да ги обиколат продавниците со надеж дека ќе најдат нешто што им се допаѓа по прифатлива цена, но наместо со полни торби излегуваат со рацете во џеб.
Од Организацијата на потрошувачите на Македонија апелираат до купувачите да внимаваат и да не наседнуваат на маркетиншките трикови на трговците. Според Законот за заштита на потрошувачите, цената што важела пред 30 дена се зема како основа за попустот, а не попустот на цената што бил на почетокот на годината. Од Пазарниот инспекторат пак не одговорија на прашањето на Алфа колку трговци се казнети за манипулации со попустите.
„Попусти од 30, 50, 70%. Вакви налепници има залепено во речиси сите дуќани во поголемите трговски центри. За разлика од светот каде граѓаните се тепаат за да купат производи на попуст, за жал сликата кај нас не е така“.
Денот кога сè е на попуст, празник е за шопингхоличарите ама и за сајбер-криминалците. Од Народна банка ги предупредија граѓаните да внимаваат и да ги избегнат измамите за време на „Црн петок“. Да купуваат од безбедни веб сајтови и да се пазат од многу добри понуди. Во светот често се случуваат стампедо токму поради долгите редици пред продавниците уште пред отворањето, а потоа и кога купувачите се фаќаат за производи кои се поевтини тој ден отколку во кој било друг ден од годината.
Љубиша Владимиров