Централното основно училиште „Лирија“ во долненско Житоше, со санитарни јазли од минатиот век

Во 21-ви век, во време на Корона и на само десетина дена пред официјалниот старт на новата учебна година, ова е денешната слика од санитарните јазли во ЦОУ „Лирија“ во долненското село Житоше. Изградени надвор од училишната зграда уште во шеесеттите години на минатиот век, со санитарија која одамна не служи за ништо, без врати и струја, тие претставуваат вистински извор на зараза, тврдат загрижените родители и додаваат дека училиштето не ги исполнувало ниту основните услови за во него да се одржува настава, бидејќи не биле проблем само санитарните јазли, туку и ентериерот на училиштето.

  • „Во тоа училиште, условите се под нула. Јас сакам да ги прашам овие општинарите, градоначалници или министер за образование, дали дома имаат таков санитарен јазол или ве-це ?! Замислете, така имаат кажано другите ученици, девојчињата прават нужда стоечки. Значи, тоа е ненормално. Јас живеам во Швајцарија. Таму такво нешто се казнува со доживотен затвор, да не можат да вршат нужда нормално, а не пак да учат. Училниците се уште со оној патос од зиф што го прават. Тоа е сето бацили….невероватно…Ама, овие за ништо не се грижат, освен да земат тендери, да земат пари“, – вели Јусуфи Зекирија.                                 

Денеска училиштето беше заклучено. Директорот, Шабан Салиоски, го најдовме дома. Одби да даде изјава во камера, но зад камерата ни раскажа дека  заедно со општината Долнени, имале изготвено проект за комплетна реконструкција на училиштето, ама заради изборите, истиот бил пролонгиран.  Признава дека условите во училиштето се субстандардни, но вели дека сега било предоцна за било што да се промени.

  И одделенскиот наставник од ова училиште, Адмир Рујкановиќ, смета дека условите не се најсоодветни, ама, со оглед на околностите, вели дека се обидувале да се прилагодат на нив.

  • „Наставата може да се одвива, секако, затоа што изнаоѓаме нови методи, изнаоѓаме платформи кои што ќе бидат прилагодени за сите ученици и за сите наставници, се разбира. На тоа напорно се работи…“, посочува одделенскиот наставник, Адмир Рујкановиќ.               

                                         

Го побаравме и градоначалникот на Долнени, Џемаил Ќамили, кој ни рече дека е на службен пат во Скопје. Но, во телефонскиот разговор и тој ни потврди дека имало проект за реновирање на училиштето, ама не знаел кога ќе биде реализиран, бидејќи проблем биле парите. На нашето прашање, како сега ќе се одвива наставата под вакви услови во училиштето, тој немаше конретен одговор.

 Каролина Дурло   

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста