Ценовните шокови силно удрија по џебот на сите, ама Владата ќе ги чека изборите за да им помогне на граѓаните и стопанството

Ценовните шокови силно удрија по џебот на сите, ама затоа Владата ќе чека да поминат изборите па друри тогаш да им помогне на граѓаните и стопанството, иако тоа до сега можеше неколу пати да го направи. Најпогодените сектори одамна го вклучија алармот, но кој да ги чује. Веќе поскапеа брашното, лебот, маслото за јадење, но и другите намирници кои беа први на удар, поради поскапата струја и транспорт на компаниите, но и повисоките цени на светските берзи. Земјоделците велат дека државата нема слух за нив, и оставени биле сами на себе. Станува збор за тутунарите, лозарите, оризопризводителите и сите гранки кои се поврзани едни со други.

Вицепремиерот Фатмир Битиќи најави мерки, но дури откако ќе заврши изборниот процес. Изрази жалење, што сега не може да им се помогне на оние на кои помошта им е и повеќе од потребна.

  • Ги следиме бурно состојбите, за жал морам да кажам тоа што секоја година имаме изборни процеси, не секогаш сме во можност да реагираме тогаш кога е најпотребно затоа што различно се толкуваат нашите одлуки. Но да ние планираме и разговараме секојдневно со сите чинители после изборните процеси веќе да преземеме одредени мерки, но не би сакал денеска да зборувам. Еве да ги почекаме да завршат локалните избори и ќе зборуваме за многу подобри работи тогаш, вели вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.

Народната банка предупреди дека инфлацијата во земјава е повисока од очекувањата. Од јануари до август, во просек годишниот раст на цените е 2,7%, а растот на цените се очекува да продолжи заради неизвесноста на странските пазари. Проекцијата пак на владата е годинава да ја завршиме со инфлација од 2,1%.

Последно во низата поскапување, според статистика, се цените на мало на сите производи кои пораснале за дури 5% во однос на истиот период лани. Овој раст е само теоретски, а во пракса поскапувањето е далеку повеќе, што не се исклучува цените да одат уште нагоре.

Анализата, пак, на ССМ покажува, дека дека трошоците за живот континуирано се зголемуваат, а платите стагнираат. Ако забрзано продолжи зголемувањето на цените, тогаш, ниту три минимални плати, не би биле доволни да го достигнат растот на минималната кошница, предупредуваат од ССМ.

Светските цени на храните се околу 33% повисоки во август, во споредба со една година претходно, покажуваат податоците на реномираните светски институции.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста