Цените вртоглаво растат, граѓаните се жалат дека едвај преживуваат

Најавеното поскапување на месото за цели 40% само ќе долее масло на огнот врз и онака тешката живеачка. Спиралата на поскапување вртоглаво расте и зема се поголем замав. Веќе поскапе зејтинот од 70 на 100 денари, зеленчукот, односно пиперките од 90 на 200 денари, па по Велигден една кременадла од сегашните 270, ќе порасне на дури 380 денари. Ова за граѓаните ќе значи нов силен удар врз домашното ќесе кое, кое според нив, одамна пресушило. Велат, бранот поскапувања никако не запирал.

Месната индустрија итно бара од владата да ги врати квотите за увоз на замрзнато свинско месо, во спротивно, последици ќе трпат, не само граѓаните, туку и компаниите. Државната статистика, пак, пресмета дека на годишно ниво пораснале сите прехранбени производи, а најмногу маслото, за дури 14%. Граѓаните велат дека веќе не можат да издржат, и се жалат дека едвај врзуваат крај со крај.

Она што периодов дополнително загрижува се и поскапите цени на бензините, кои сигурно дека ќе генерираат натамошен раст на трошоците за производство, а со тоа и на крајните цени на производите.

Додека живеачката станува се поскапа, граѓаните едвај се жалат дека преживуваат. Според синдикатот, во просек околу 50 евра му фалат на секое семејство да ги подмири основните трошоци, кои вртоглаво растат секој месец.

Инаку, основните трошоците на просечно четиричлено семејство пораснале за 831 денар. Според пресметките на Сојузот на синдикати на Македонија, само за покривање на основни трошоци во март потребни биле 33.771 денар. Сега семејството треба да одвои речиси 300 денари повеќе за храна и уште 400 денари повеќе за домување и сметки, пари што граѓаните ги немаат.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста