Цените на храната ќе ги „изгорат“ граѓаните, се очекува нов бран поскапувања до 50%, алармира стопанството

Нов ценовен шок ги очекува граѓаните наредниот период. За повеќе од 50% ќе поскапат сите прехрамбени производи, алармира стопанството. Покачување ќе има на се, на лебот, млекото, маслото за јадење, јајцата, брашното, на овошјето и зеленчукот, и на сите кондиторски производи. Бизнисот до сега неколку пати барал државна помош за ублажување на ударот, но барем до сега одговор од никаде нема. Стопанствениците се жалат дека храната до сега поскапела за повеќе од 15%, иако не ја исклучуваат можноста некои производи да поскапат и до 100%, што директно ќе удри врз грбот на народот.

  • Целата прехранбена индустрија бара од Владата да и се помогне за да може да функционира, а и потрошувачите да бидат заштитени. Ако суровините минатата година поскапеа до 40%, се очекува поскапувањето на крајните производи да биде од 40-50%, а тука секако треба да се додаде и новата цена на енергенсите. Додека домашните малопродажни синџири кај нас се уште молчат и тивко покачуваат цени, супермаркетите во САД и Велика Британија отворено објавуваат дека цените на храната ќе растат наесен. Комотни се и големите синџири на маркети, но на крајот ќе мора да реагираат, истакна Васко Ристовски од Комората.

Ристовски обвини дека државата нема слух за укажувањата на секторот. Проблем е, рече, и тоа што примарното производство (суровините) се во ингеренции на Министерството за земјоделство, а преработките во Министерството за економија, па наместо на еден, проблемите мора да се решаваат на два фронта кои често не се усогласени.

  • Во Албанија Владата ги субвенционираше извозниците на земјоделски производи и денес домашниот пазар е преплавен со земјдоелски производи од соседството, а во Србија, како резултат на лош род и намалени приноси, се забрани извоз на голем дел од суровините, посочи Ристовски според кој, крајно време е компаниите и трговците да креираат заедничка ценовна политика.

Сериозно поскапување најавуваат и од месната индустрија. Очекуваат поскапување на месото за дополнителни 40%. Велат дека помош за ублажување на ударот побарале и во министерството за финансии, но од таму ги одбиле сите барања.  

Претседателот на Групацијата за месо и месни преработки, Гоце Трајчев дополни дека едно обезбедување поддршка, а сосема нешто друго нејзино реализирање во реалноста.

Претседателот на Групацијата за месо и месни преработки, Гоце Трајчев дополни дека едно обезбедување поддршка, а сосема нешто друго нејзино реализирање во реалноста.

  • На поскапувањето укажувавме неколку пати од почетокот на годината. Поскапувања ќе има, но колкави ќе бидат, тука можеме секако да влијаеме. Поскапувањето на месните преработки се очекува да биде 15 отсто колку што е на глобалните пазари, но може да е и повеќе, 30-40% ако државата продолжи да ја игнорира поддршката. Само 20-30% се царинските давачки за увоз на смрзнато свинско месо за преработка. Значи, од државата зависи колкави ќе бидат поскапувањата, подвлече Трајчев.

Причина за раст на цените се климатските промени, намаленото земјоделско производство, недовлна работна сила, скапиот транспорт и скапите енергенси.

Ако продолжи бранот поскапувања, можно е Македонија да остане без домашно производство на храна, алармираат бизнисмените, а тоа ќе биде дополнителен удар за сите дејности.

Колку за илустрација, во цела Европа во пандемија се намали личната потрошувачка, само во Македонија расте, и наместо да им се помогне, сериозно им нансуваат дополнителни главоболки на граѓаните, кои не знаат како ќе го иструркаат овој катастрофален период.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста