Цени „изгор“ скапи, граѓаните не можат да закрпат крај со крај, се жалат дека едвај преживуваат

Живечката станува се поскапа, цените се повисоки, а граѓаните се посиромашни. Од месец во месец се повеќе се стега домашното ќесе. Спиралата на поскапување вртоглаво расте и зема се поголем замав, како да е ставена на брза лента. Според државната статистика, за само една година цените на производите пораснале за речиси 3%.

Граѓаните се жалат и дека едвај преживуваат. Велат, не знаат како ќе се излезе на крај со се поскапата живеачка и со онака плиткиот буџет.

  • Скоро се е поскапено за повеќе од 10%, па може и повеќе. Тоа сега е деновиве откако се отиде на горе, а платите и пензиите никако да мрднат. Абе ова е катастрофа, ако вака продолжи кој знае како ќе биде, иде се полошо и полошо, не знам што ќе се прави, се пожалија граѓаните пред нашата камера.

Она што периодов дополнително загрижува е извесното поскапување на цени на горивата за 4 денари, кои сигурно дека ќе генерираат натамошен раст на трошоците за производство, а со тоа и на крајните цени на производите.

Периодов поскапе буквално се, од основните прехрамбени производи, до превозот, хигиената, пијалаците. Зејтинот од 70, надмина 100 денари, зеленчукот, односно пиперките од 90 кренаа над 200 денари, а масло на на огнот долеа и поскапување на месото за цели 40% врз и онака тешката живеачка. Ова за граѓаните ќе значи нов силен удар и бранот поскапувања никако не запирал.

Дека сиромаштијата ќе расте, предупредуваат и економските експерти. Велат дека било крајно време власта да направи нешто за граѓаните.

  • Сетоа ова поскапување ќе ја подгрее инфлацијата и ќе го доосиромаши народот, кој и оната едвај преживува во ова време, време кога не може да издржи крај со крај. Сметам дека ова е крајно несериозно, зашто народот веќе не знае што да прави сам со себе, додава меѓу другото бизнисменот Горан Рафајловски.

Колку за илустрација од почетокот на годинава до сега скоро за 1.000 денари се зголемени основните месечни трошоци. Ако лани на семејството му биле потребни 32.791 денар, годинава тие изнесуваат 33.742 денари.

За да се ублажи ценовниот удар врз граѓаните од неминовното поскапување на струјата, власта го намали ДДВ во сметките од 18 на 5%, но само за една година, по што ќе се зголеми на 10% и по 2023 ќе се врати на 18%.

Светска банка веќе објави дека над 55.000 луѓе во Македонија може да западнат во сиромаштија. Според нивните прогнози овие бројки можно е да се зголемат и до три пати, ако дополнително се влоши економската состојба во земјава.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста