Цената на струјата ќе се покачи за 12,36 %, сметките за струја пониски поради намаленото ДДВ, вистинскиот ценовен шок за две години

Струјата поскапува за 12,36% но сметките на граѓаните ќе останат исти, односно со незчително намалување. Регулаторна комисија за енергетика, го потврди она што уште вчера се соопшти како неофицијална информација. Цената на струјата практично останува иста поради намалувањето на ДДВ-то од 18 на 5 проценти. Но веќе следната година граѓаните ќе плаќаат поскапа струја оти ДДВ-то ќе се покачи на 10 проценти, а вистинската цена на струјата ќе ја имаме во 2023-тата година кога данокот на додадена вредност ќе се врати на сегашната стапка од 18 проценти. Регулаторната комисија апелира да се најде системско решение за данокот на додадена вредност бидејќи цената на струјата врши најголем удар врз најранливите категории

  • Евтината тарифа останува на сила во дневните и ноќни интервали како и до сега, а сметките за електрична енергија практично ќе останат непроменети со носење на законот со кој ќе се намали ДДВ-то за електрична енергија. Намалувањето на ддв-то е добро решение, но неопходeн е системски одговор – да се прошири опфатот на ранливи категории кои ќе добиваат субвенции за сметките за електрична енергија, изјави Марко Бислимоски претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги.

Законот за намалувањето на Данокот на додадена вредност  ги помина владините филтри а од утре ќе се најде пред пратениците. Експертите алармираат дека намалувањето на ДДВ за струја е привремено решение во предизборен период, која ќе и нанесе уште поголеми штети на енергетиката. Според нив дупката во буџетот ќе ја почувствуваат граѓаните кои ќе плаќаат повисоки цени по други основи.

Сметките за струја ќе останат исти, но удар сепак ќе има од еколошката такса за горивата која власта планира да ја протурка на брза лента во собранието и покрај критиките од опозицијата, експертите и бизнисмените. Според планот, еден литар гориво ќе се зголеми за дури 4,13 денари. Опозицијата критикува дека власта воведува кризен данок кој ќе удри директно врз џебот на граѓаните. Најавија и повеќе амандмани со кои ќе се обидат да го спречат носењето на законските измени.    

Инаку дел од енергетските компании кои вчера гласно негодуваа за неприфаќањето на нивните трошоци од страна на Регулаторната комисија за енергетика најавуваат и тужби. Компаниите од регулаторната комисија бараа поскапување од  50 денари на сметка од 1000 денари, но регулаторната прифатила само 6 денари на што се додаваат маржата и останатите трошоци. Помеѓу барањата  на МЕПСО се и платите на новите вработувања, но регулаторна не прифатила тие да паднат на грбот на граѓаните. Комисијата ќе ги покрива трошоците на само 569 вработени колку што биле во 2018 година, додека околу 100 нови работници ќе треба да си ги покрива МЕПСО од свои средства.

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста