Царовска: Протестите се уставно право, но образовната реформа продолжува
Министерката за образование и покрај најавениот протест не попушта пред барањата на родителите и наставниците. Царовска е убедена дека реформите се за доброто на учениците и образовниот систем, и нема намера да се откаже од нив.
-Тоа е уставно загарантирано право.Тие ги поставија барањата .Ние како министерство за наука и образование со нив имавме средба. Нивните главни барања се поврзани со родовата рамноправност да се исклучи од образовниот систем, сметам дека за тоа имаме закон и државата има консензус за почитување на родовата рамноправност. Ние ги испративме одговорите веројатно тие како иницијатива ќе расправаат за нив, вели Царовска додавајќи дека реформите мора да продолжи за да се обезбедат подобри услови за учење.
Од опозицијата велат дека министерката Царовска, наместо ароганција, треба да им даде простор на родителите да ги искажат своите аргументи и тие да бидат земени предвид при носење на секој закон во образованието.
Нашиот став како ВМРО-ДПМНЕ е дека законот за учебници и друг наставен материјал на нетранспарентен начин е сработен од владата и министерката Царовска.Овој закон, доколку сакаат да биде пошироко прифатен, треба да биде закон за кој што ќе има јавна дебата, од која што владата бега. Ние гледаме две страни, едната страна е министерката Царовска која што промовира ароганција во овој предлог закон, а другата страна се родителите и учениците кои што предлагаат аргументи-вели Милошоски..
Инаку, здружените родители во сабота ќе излезат на протест да го искажат својот револт поради, како што велат, немањето слух на институциите. Протестот го продржуваат и од Средношколскиот глас од каде велат немаат намера да и дозволат на министерката Царовска да спроведе политики во образованието, кои ќе им нанесат штета на идните генерации.
Викторија Миткова