Царовска продолжува да го турка новиот концепт во образованието, Независниот синдикат критикува

Министерката Мила Царовска продолжува да го турка проектот во образованието и покрај острите реакции во јавноста. Откако Синдикатот за образование наука и култура реагираше дека реформите се избрзани, и од Независниот синдикат за образование ја критикуваат новата концепција. Велат дека промени се потребни, но за решавање на проблемите со партиски вработувања и неценетиот труд на просветните работници. Од МОН воопшто не ги контактирале, за ниту една консултација.

Министерката целосно го игнорира Независниот синдикат за образование и наука. Комуницира само со помали групи на наставници кои што во суштина претставуваат една форма на демократија. Реформите треба да започнат со департизацијата во секторот за образование, со достоинствено вредување на трудот на просветниот работник, со плата која што нема да биде под републичкиот просек како и со обновување на колективните договори и решавање на проблемот на наставниците кои што работат во руралните средини за нивните патни трошоци – вели претседателот на Независниот синдикат за образование и наука, Томислав Гиевски.

Сепак, министерката и понатаму со ставот дека реформите се повеќе од потребни, а за концепцијата постојано се консултирале со стручната јавност.

До сега течеа интензивни координации со сите засегнати страни, ја интезивираме дебатата со физичко присуство во наредниот период и со наставниците и со директорите – вели министерката за образование Мила Царовска.

Според независниот синдикат 95% од професорите не се сложувале со концепцијата. Претседателот на Синдикатот најави дека, како единствена организација која што не е под капата на МОН, ќе ги искористат сите синдикални методи за оваа концепција да добие поинаква насока.

Се воведува концепт каде што ниту еден од просветните работници не е инволвиран во неговото креирање, и од тука следи реакцијата на поголем дел на просветните работници, 95% од наставниците не го прифаќаат овој концепт – вели Гиевски.

По предметот историја како сензитивна тема периодов, се појавуваат реакции и за македонскиот јазик. Професорката Јасна Котеска тврди дека на Филолошкиот факултет се планирало реорганизација. Котеска објави дека на факултетот без писмен допис наводно ќе се формирале две научни гранки  лингвистика и литература, а македонскиот јазик ќе бил дел од гранките. Царовска и на оваа тема смируваше – немало да се укинува македонскиот јазик, како што нема да се укине ниту предметот историја.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста