Царовска не се откажува од диитализација на учебниците, денеска бојкот на наставата, утре протест пред МОН

Министерството за образование не се откажува од идејата за дигитализација на учебниците и покрај бројните реакции и негативни коментари за спроведувањето на оваа, како што ја нарекуваат од МОН „реформа“. Иако родителите цврсто се спротивставуваат на измените кои ги предлага министерството, од таму велат дека новиот закон е повлечен само за  негово дополнување кое ќе се однесува во делот на усогласување на националното со европското законодавство. Претходно, пратеници од ВМРО-ДПМНЕ објавија дека од МОН го повлекле законот од собраниска процедура.

„Ги повикуваме граѓаните и родителите да не подлегнуваат на грубите лаги и политички манипулации пласирани во јавност од страна на пратеници од опозицијата. Законот е вратен само за да се дополни, по што веднаш ќе биде доставен до Собрание“, реагира МОН

За лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, учениците не треба да се жртви на фрустрациите на министрите без разлика од која партија доаѓаат.

„Оваа глупост е врвот на глупостите. Не постои држава во која децата нема да имаат можност да имаат в рака хартиена форма на учебник. Имајќи предвид дека имаме околу 250 000 ученици и десетина проценти, како што кажаа од владата, немаат дома компјутери, тоа значи дека 25 000 дечиња нема да имаат можност да добијат соодветно образование“, рече Мицкоски.

Граѓаните не ја подржуваат министерката Царовска во нејзините идеи за дигитализација на учебниците. Најлошиот министер во образованието кој го имала Македонија – остро критикуваат..

Бојкот на наставата денеска имаше  во неколку училишта  низ цела Македонија откако родители и наставници на социјалните мрежи се договорија црвсто да и се спротивстават на министерката Царовска. Групата „Учебници и настава мора да има“ која брои околу 70 илјади членови- родители и наставници од целата земја утре пред МОН ќе ги кажат своите барања. Од средношколскиот сојуз, кои исто така се спротивставија на идејата на Царовска,  најавија дека ќе ги поддржат родителите, доколку проблемите ги решаваат активно и конструктивно во живо, а не на социјалните мрежи.

Викторија Миткова