Царовска ќе ги „превоспитува“ родителите за да го реши проблемот со недостаток на учебници

„Доколу од било кои причини некој ученик не е во можност да ги користи електронските учебници, училиштата имаат должност да ги испечатат и во хартиена форма да им ги доделат книгите, што значи материјалите за учење ќе му бидат достапни на секој ученик“ – вака министерката за образование Царовска во април  ги смируваше родителите по најавата дека ќе се спроведува дигитализација во училиштата. Месеци подоцна, не само што учениците немаат учебници, а училиштата не ги обезбедија, сега Царовска ги превоспитува родителите и ги кара затоа што не ги терале децата да учат од таблет или компјутер, наместо да играат. Во истовреме, ги тера родителите ако немале таблет, да одат и сами да си платат за печатење на некој учебник. Родители се бесни на овие дрски изјави на министерката и се жалат дека печатењето ги чини од 650 до 1250 денари по комплет, во зависност дали е црно бел или во боја.

Во групата „Настава и учебници мора да има“ – се појави сведоштво на родители, како наводно директор на училиште ги известил дека  биле набавени само пет учебници за во училница, а учениците ќе работат во група. Учебниците за дома, не биле спремни па родителите мора самостојно да им обезбедат учебници на своите деца.

Учениците кои немаат можност да купат дигитален уред, треба истиот да го добијат од општината и училиштето. Доколку таква можност немаат општината и училиштето, имаат можност да се изјаснат во период од два месеца до Министерството и МОН ги впушти сите таблети кои беа побарани. Секако дека има остатоци кои стојат на располагање во случај на итност и трансфер кон онлајн учење за да се спроведат до училиштата за да бидат достапни до учениците кои ќе треба да следат онлајн учење, рече Царовска.

Во однос на тоа зошто нема нови учебници, Царовска се правда дека тие како министерство доставиле до училиштата дополнителни 20% од потребите, но тие се наменети за учениците кои дома немале струја, интернет или компјутер.

Со оваа пракса на Министерството за образование, се крши Законот за учебници, кој јасно предвидува дека учебниците се во печатена форма и тие треба да бидат бесплатни за сите. Контроверзните измени кои предвидуваат дигитализација сеуште не се усвоени во Собрание.

Инаку, за состојбата со корона вирусот во училиштата, министерката информираше дека во изминатото деноноќие се регистрирани 0,01% позитивни случаи од вкупниот број на ученици или 24 ученици. Тврди дека состојбата е под контрола и нема простор за паника и страв од евентуално побрзо ширење на вирусот.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста