Царовска го повлече учебникот по географија поради навреди кон Албанците
Учениците од втора година средно образование останаа без учебник по географија.Мила Царовска реши да го повлече од употреба. Министерката ја потпиша одлуката на Комисијата за поднесување предлози и повлекување учебници поради навредлива содржина за Албанците. Заменик министерот за образование Арафат Шабани се пофали со повлекувањето на учебникот кое го смета и како успех на неговата партија БЕСА. Најави корегирање и на други учебници за средно и високо образование како што рече поради тоа што поттикнуваат омраза.
“Повторувам уште еднаш за разлика од претходните министри Албанци кои не сметале дека е целисходно да ги отстранат содржинските грешки во учебниците, а со децении раководеле со министерството за образование и наука ние ќе ги отстраниме сите учебници кои содржат неточни и невистинити содржини. И нема да молчиме за сличните скандали бидејќи таквите учења ги трујат младите генерации”изјави Шабани.
Сепак Шабани без конкретен одговор од што ќе учат учениците до крајот на учебната година.
“Имаат дидактички инструкции. Од соодветните институции. затоа што и со новиот закон што ќе стапи во сила и со новата концепција нема да се придржуваме кон еден материјал. Ќе има минимум три варијанти на учебници. И ќе им се даде можаност како секаде во развиениот свет наставниците сами ќе најдат и ќе комбинираат содржини од одредена област во рамки на програмата што е адекватна”, рече Шабани.
Промени во учебникот по географија бараше и вицепремиерот Артан Груби. Премиерот Заев беше со став дека навредливите содржини треба да се остранат, но од следната година. Промените конечно беа договорени и на средба Груби-Царовска.
Претходно партиската младина на партиите Алијанса за Албанците и Алтернатива, реагираа за „навреди и невистини во учебникот“. Ги скинаа и ги запалија спорните страници. На кои според нив, пишува, „албански окупатор во западна Македонија“.
Изминатиов период голема врева се крена и околу новата стратегија за образованието. Револт кај научната фела предизвика особено идејата за спојување на историјата со општетствените науки. Експертите реагираа на неспојливост на овие дисциплини и поради тоа што реформите се спроведуваат во време кога Бугарија ја оспорува македонската историја.
Градимир Марковски