Царовска: Aко се шири корона вирусот во училиштата, имаме две сценарија

Владата го усвои планот за претстојната учебна година, наставата ќе се одржува со физичко присуство но нема никаква рамка – каква треба да биде епидемиолошката состојба за децата да се пренасочат на онлајн настава, по примерот на некои земји, каде доколку 10% од учениците се заразени, се затвораат училиштата. Министерката Царовска вели – постојано биле во контакт со Комисијата за заразни болести, и тие го имаат последниот збор.

Како ќе се менува епидемиолошката слика, така Комисијата за заразни болести ќе информира до МОН дека се појавува ризик. Дека со почитување на дадените протоколи може да се спречи интерна трансмисија на вирусот покажува минатата година кога 40 отсто од учениците беа физички присутни во училиштата и немаше ниту еден случај на ширење на Ковид-19. Немавме затворање на цели училишта за разлика на земји од регионот каде постојано имаше затворање на училишта.

Веќе неколку месеци родителите и учениците го чувствуваат хаосот кој се создава во пресрет на новата учебна година – нова концепција, нови наставни содржини, дигитализација на учебниците. Протестите и барањето за Референдум не помогнаа Царовска да се откаже од дигиталните учебници. Веќе го промовираше електронскиот учебник по математика, а најави дека и учебниците по другите предмети се дистрибуираат во школите. Новина има и за наставниците – оценки ќе ставаат во електронски дневници, печатениот заминува во историјата.

Во меѓувреме, Законот за учебници не е ниту влезен во собраниска процедура, а Царовска вели нема ништо спорно да се воведат дигиталните учебници, и покрај тоа што не е донесен. При неговото носење, ќе се земело предвид и мислењето на јавноста.

А како студентите ќе ја следат наставата – ќе се одлучува индивидуално. Секој универзитет, земајќи ја предвид автономијата, може да донесат протоколи во координација со Министерството за здравство. Не се исклучува можноста, одредени факултети да донесат одлука за задолжителен ковид сертификат, или ПЦР тест.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста