Цар Самоил договорен пред три години, за што сега разговарале македонските и бугарски историчари?!

Молк од македонска страна за што се разговарало на последната средба на историската комисија со Бугарија. Пред средбата едно говореше Драги Ѓоргиев, по средбата друго Бујар Османи. Првиот велеше дека тема на разговор ќе било решавањето на Цар Самоил, вториот пак дека спорот околу него бил завршен уште пред три годни. Го прашавме Ѓоргиев за што се разговарало минатава недела, но одговор се уште не добивме.

За разлика од македонската страна, Бугарите отворено говорат за спорот со Македонија. Ангел Димитров, шефот на бугарскиот дел од историската комисија, вели дека последната средба го оладила ентузијазмот за решавање на проблемите. 

-За Охридската архиепископија, како и за крајот на првото бугарско кралство и цар Самоил има доволно документи. За Охридската архиепископија има исклучително важни документи кои објаснуваат како и зошто треба да се организира оваа црковна институција. И тука почна враќањето кон една, не особено добра практика од страна на нашите колеги, изјави Димитров.

Покрај Ѓоргиев детали околу преговорите за спорот со Бугарија не открива ниту министерот за надворешни работи Бујар Османи. Повторувајќи уште еднаш колку Владата била транспарентна, кажа дека ќе говореле кога се ќе било договорено со бугарската страна.

-Ако ме слушнала опозицијата минатата недела, реков во моментот кога ќе бидеме во позиција да кажеме дека имаме разбирање за сите аспекти, бидејќи нашиот пристап е дека или се е договорено или ништо не е договорено. Значи нема да се договориме на парчиња, за да можеме да одиме во Собрание за секој договорен елемент, изјави Османи.

Премиерот на Бугарија Кирил Петков последно откри дека завршена била работата за историска личност, за која во минатото било тешко да се преговара, но не откривајќи за која станува збор. Молк околу ова очекувано и од македонска страна, единствено што спомена Драги Ѓоргиев е името на Гоце Делчев, но само дека ќе се разговара за него, без ништо поконкретно.

-На дневен ред е и Гоце Делчев, за кој на минатата средба во февруари само ја почнавме малку дискусијата и сега ќе ја продолжиме, порача Ѓоргиев.

Инаку, по последните средби, беше објавено само штуро соопштение во кое се констатира напредок, но ништо конкретно не беше откриено. Но, како што и беше претходно повторно почнуваме работите да ги дознаваме од бугарска страна, додека од кај нас како да се неми околу ова прашање.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста