Црна статистика: Македонија негативен лидер во Европа и меѓу најлошите во светот во справување со корона кризата

Македонија корона лидер во Европа, но за жал негативен. Нашата земја има најголем новозаразени на целиот континент, со 93,1 на милион луѓе. Под Македонија е и една Белорусија, каде речиси нема никакви мерки за справување со коронавирусот.

Македонија е меѓу негативните лидери и во светот, во делот на справување со самата корона криза. Според сајтот ендкоронавирус.орг, и тука е ставена во најлошиот сегмент, меѓу земјите кои треба да преземат акција, заедно со држави како Афганистан, Ирак, Кенија, Мали, Сомалија, Јужен Судан. Од регионот во овој дел се и Албанија, Косово и Босна и Херцеговина, но и таму бројките се многу подобри од Македонија.

Ваквата состојбата е очекувана со оглед на тоа дека со денешните 103 нови случаи и пет починати, само во првата половина од јуни имаме 1934 новозаразени и 60 починати. Сепак и покрај овие црни бројки, министерот за здравство Венко Филипче вели ситуацијата била под контрола, не биле бројките единствен параметар.

-Има повеќе аспекти не е само бројката. Бројката е дали ги знаеме контактите, релациите, дали можеме да влеземе во трага, што го правиме и неколку последователни контакти. И тоа што и овој пристап дава резултат е што во Штип и во Тетово спласна бројот на новодијагностицирани, тестирани и луѓе ставени во самоизолација, изјави Филипче на последниот негов прес.

Покрај овие четири земји кои треба да поработат на справување со оваа криза сите други земји од регионот како Грција, Црна Гора, Хрватска, Словенија се ставени во делот на оние кои го победуваат Ковид 19, додека пак Србија е ставена во оние кои се блиску до победување на вирусот. Инаку, за илустрација додека траеше кампањата на седи дома бројот на новозаразени во просек беше многу помал, отколку откако власта почна кампања за брзи избори.

Матеја Петровски