Чулев нуди решение за пасошите, на ред е Владата

Спасовски не знае кога била последната нарачка на обрасци за издавање на лични документи кога тој бил министер, не знае ни кој е виновен за ситуацијата, ама е сигурен дека тоа не е токму тој. Вели додека тој бил на функцијата немало вакви проблеми. Техничкиот премиер рече дека во моментов за функционирањето на министерството е надлежен техничкиот министер Наќе Чулев и одговори треба да се бараат кај него.

-Навистина се прашувам зошто не може да се даде одговор на сите овие прашања. Мислам дека подоброто менаџирање, повеќе бавење со суштински работи, немаше да доведе до една ваква криза. За функционирање внатре во министерството е надлежен министерот и има механизми да се утврди кој е одговорен ако има одговорност. Сум имал и јас такви ситуација неколку пати во целиот тој период, но, немаше проблем во однос на пасошите или другите лични документи, рече Спасовски.

Чулев пак останува на ставот – за хаосот со пасошите виновен е Спасовски. Вели дека е министер само еден месец и само го наследил проблемот со недостатокот на обрасци, кој е резултат на несовесното, нестручното и непланското работење на Спасовски. Сепак  Чулев нуди решение за привремено надминување на кризата, односно да се испрати дипломатска нота до сите држави дека се пролонгира важењето на пасошите, за што треба да се свика владина седница и истиот да биде прифатен.

Чулев објаснуваше и дека десетгодишниот договор за обрасци  со германската фирма „Веридос“ истекол уште во 2017 година и оттогаш се потпишувале двегодишни рамковни спогодби. Според него, за да нема проблеми како актуелниот, треба да се распише меѓународен тендер за нов десетгодишен договор.

-Направени се лоши анализи и лоши проценки, затоа нема пасоши. Во октомври има 81 илјади, од тие анализи што ги правеле за Оливер Спасовски. Тој не знам како не ги видел, не ги прочитал. Во декември има 87 илјади, што е невозможно. Не може да порасне од октомври до декември. На 7 јануари ми доставуваат информација дека има само 22 илјади пасоши и нема воопшто лични карти и возачки дозволи. Јас сум министер само еден месец и сите овие работи ги наследив како резултат на несовесно, нестручно и непланско работење на Оливер Спасовски, кажа Чулев.

До следната нарачка се останати 3.700 обрасци за пасоши, а има поднесено околу 16.500 барања по редовна постапка и 650 по итна постапка. За пратката од 100.000 обрасци која според договорот треба да стигне на 24 март, се прават обиде да стигне десетина дена порано.

Мери Ѓорѓиевска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста