Човек од карантин обвинува: Со врски може да ве префрлат од одморалиште во карантин

Ургенции или пари за подобар кревет во државните карантини?! Повратници од странство откриваат дека лица вратени со т.н. хуманитарни летови на Владата, фаќале „врски“ за да бидат сместени во подобар хотел или во домашна изолација. Скопјанецот Дејан Димитриевски, кој во екот на короната се затекнал во Перу, а сега е сместен во карантин во Кавадарци, сведочи дека млади лица кои допатувале со него, уште на самата граница, барале партиски или пријателски врски за да бидат сместени во Скопје.

„Се бараа врски по партиска линија, по пријатели, роднини, за да се оди во Скопје. Еден од тие што се сега во Ибис сместени, беа извикани од полицијата надвор, тогаш се случува договорот. Стигнаа до Кавадарци, најверојатно планот бил да не се прави паника помеѓу нас останатите 24. На тивок начин беше, нас не затворија сите во собите, а нив потоа ги извадија“, вели Димитриевски.

Од генералниот секретаријат негираат – велат има неколку случаи на повратници преместени од државните карантини, но зад сите нив имало оправдани здравствени причини.

„Бремена жена која допатува од Дубаи, во осмиот месец од бременоста од државниот карантин беше однесена во домашна самоизолација. Имаше уште неколку случаи, на пациенти кои во земјава се вратиле после сериозни оперативни зафати извршени во странство. За сите нив, согласно медицинската документација, беше одредена домашна самоизолација“, вели владиниот ген сек, Драги Рашковски.

Алфа неодамна објави дека мајка и ќерка од Радовиш кои во земјава допатувале од Швајцарија, наместо да поминат 14 дена во државен карантин, ургирале да бидат преместени во домашна самоизолација. Тие од хотелот Попова Шапка, со возило на Итната помош од Штип, биле префрлени во нивниот дом. За овој случај Алфа одговор побара од надлежното Министерство за здравство, но за сега не добивме објаснување.

Откако почна кризата, а земјите во Европа и регионот ги затворија границите, со помош на МНР во земјава се вратиле над 2700 граѓани. Во вторник се очекува да пристигнат уште 297 македонски државјани од Северна Италија.

Биљана Божиновска